„Саморегулацијата е цврсто настојување на медиумските професионалци да го одржуваат дијалогот со јавноста. Процесот на етаблирање на саморегулацијата е долг, но резултатите од него се поквалитетно новинарство, заштитен интегритет на медиумите, квалитетни информации за граѓаните, ослободување на влијанијата од центрите на моќ и заштита на слободата на изразување“, рече Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ, на денешната дебата на СЕММ во Прилеп.
Саморегулацијата во медиумите, практиките, перспективите и сегашната ситуација, како и предизвиците со кои се соочува Комисијата за жалби во нејзиното работење, беше тема на денешната дебата на Советот за етика во медиумите, на која присуствуваа новинари и граѓани.
„Конечно, властa почна да ја препознава важноста на саморегулацијата, но знаеме да се соочиме со ситуации во кои се’ уште предност и’ се дава на регулативата, а не на саморегулацијата. Ни се случува да сме цел на напади или пофалби од политичари, институции или организации, но и од медиумите.
Се разбира, никој не сака да биде на тапет поради својата непрофесионалност, но мораме да продолжиме да работиме таа да се намалува. Примарна одговорност на новинарството е да создава и одржува критичка јавност и да се придржува до стандардите на професионалност“, рече Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ.
Најголемите нарушувања на Кодексот на новинари, регистрирани од Комисијата за жалби при СЕММ, се поврзани со недоволната проверка на информациите, односно отсуството на различни извори на информации, мешањето факти и мислења, вести со коментари, нарушување на приватноста и дискриминацијата по различни основи.
„Саморегулацијата не значи само почитување на стандардите од Етичкиот кодекс, туку и почитување на правото на јавноста да знае, односно да ги добива информациите брзо и точно, но за тоа е потребна и брза реакција на институциите, со цел да се намалат негативните трендови во новинарското известување“, истакна Лилјана Пецова – Илиевска, член на Комисијата за жалби.
Во периодот што следува СЕММ ќе работи на ажурирање на своето членство, како и подготовка на регистар за професионални онлајн медиуми кои се обврзале да ги почитуваат стандардите на професионалност, како и критериумите за прием во СЕММ.
Критериумите се достапни на следниов линк: www.semm.mk.