еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Ја носи ли Грција владата на Мицотакис повторно во бездна?

Угостителите во Грција, кои се едни од најпогодените од ковид кризата, се бесни за новите мерки на грчката Влада, со кои во сред сезона ќе треба да избираат дали своите услуги ќе им ги даваат на вакцинираните или невакцинираните против Ковид-19 вирусот, пренесува дописникот на еМагазин од Солун.

Со месеци во текот на годинава и лани нивните објекти беа затворени, а сега за да го користат затворениот простор, но и отворениот во клубовите, повторно се пред ново искушение, а од нивната одлука ќе зависи и со колкав капацитет ќе работат.

“Години и години ќе ни требаат за да се вратиме на заработувачката пред пандемијата, ако успееме да преживееме до тогаш.

Владата беше потолерантна кон црквата и нејзините барања за време на пандемијата, отколку за интересите на бизнисот …“, коментираат за еМагазин угостители од Солун.

Угостител од грчкиот остров Хидра, пак коментира дека некој сериозно треба да ја „исплеска“ грчката Влада, поради лошото менаџирање на ковид кризата во делот на економијата.

Угостителите во земјава која првенствено живее од туризмот и угостителство, не се единствените кои се силно погодени од ковид кризата, која грчката Влада не успеа добро да ја изменаџира и покрај милијардите евра помош од Европската Унија (ЕУ), кои Унијата во следните декади заеднички треба да ги враќа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Во Грција “Covid free” простори, дел од угостителите “бесни“, нема да ги делат гостите на вакцинирани и невакцинирани

Доволно е само да прошетате по неколку улици по Солун и да регистрирате колку многу мали бизниси веќе се историја.

И годинава продолжува трендот на продажба на хотели, кој почна минатата година, бидејќи работите на терен се неодржливи, па нивните сопственици немаат друг избор, потврдуваат од агенции за недвижности.

ЕУ за Грција од Фондот за опоравување од последиците на Ковид-19 одвои 32 милијарди евра во грантови и евтини заеми.

Раст на невработеноста и задолженоста, пад на економијата

Една од најзадолжените членки на Унија, која веќе неколку пати беше на работ на банкрот, за подршка на бизнисите и работните места поради ковид кризата одвои 11,6 милијарди евра, а дали парите стигнаа до сите на кои што им требаат е сосема друга приказна.

Минатата година Грција ја заврши со невработеност од 16,8%, една од највисоките во ЕУ, а истата годинава заклучно со мај изнесува 15,4%.

Лани грчката економија забележа пад од 8,2%, а според проекциите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) годинава треба да има раст од 3,3%.

Според Националната банка на Грција пак очекувањата се дека економијата ќе порасне за 4,2%.

Дали тоа ќе се случи најмногу ќе зависи од приходите од туризмот.

Според податоци на ММФ, Грција годинава, заклучно со април е во топ три најзадолжени земји во светот, со фантастични 210% од бруто-домашниот производ (БДП). Од неа се повеќе задолжени само Јапонија и Судан.

Предупредување за високиот јавен долг на Грција стигнаа и од Националната банка на Грција, а проекциите се дека во 2026 година, истиот да изнесува 179% од БДП.

На повидок нова лоша година за туризмот

Пред неколку дена грчката Влада одлучи повторно да го врати полицискиот час во една од најскапите дестинации во светот, грчкиот остров Миконос, каде дневната заработувачка во „добрите“ времиња, изнесува (без претерување) колку еден месец во нашиот Охрид.

Ја забрани и музиката, на остров кој е превенствено познат поради бројните забави, па туристите револтирани од ограничувањето на движењето, изгубенето време за планираниот одмор и секако залудно потрошените пари, веќе го напуштаат Миконос.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Чао Миконос: Туристите го напуштаат грчкиот остров откако се забрани музика и се воведе полициски час

Најверојатно Миконос нема да остане единствената дестинација во која ќе се воведат мерки, кои нема да им се допаднат на туристите, а кои во месеците додека трае пандемијата во неколку наврати ги прекрши и самиот премиер, Киројакис Мицотакис, (кого твитерџиите го нарекуваат “happy traveler”, бидејќи за цело време на пандемијата се некаде „одмараше„, и патуваше низ земјата, додека граѓаните не можеа да патуваат од еден регион во друг), но и други функционери.

Минатата година беше катстрофална за грчкиот туризам од чии приходи буквално зависи економијата на земјата.

Земјата ја посетиле само 7,4 милиони туристи, покажуваат податоците на Светската туристичка организација на Обединетите Нации, а приходите паднаа на 4 милијарди евра, споредено со 2019 година кога беа 18 милијарди евра.

И годинава како и што екипа на еМагазин регистрираше на терен работите се далеку од сјајни.

„За цела сезoна досега во Хидра пристигнаа само три крузери. Генерално состојбата за нијанса е подобра споредено со лани, но се уште е лошо споредено со времето пред пандемијата“, вели сопственичка на апартмани на грчкиот остров Хидра.

Пред пандемијата Хидра ја посетуваа по неколку крузери на ден уште од април, а тие се значајни за локалната економија, бидејќи туристите кои доаѓаат од нив, остануваат на островот по неколку часа и за тоа време трошат илјадници и илјадници евра.

Состојбата не е подобра ни на островите Порос и Спецес, каде угостителите и сопственици на апартмани и хотели, со кои разговараше еМагазин, велат дека годинава ќе заработат едвај 40% од тоа што го заработувале пред пандемијата.

Вината за таквата состојба не ја гледат само во пандемијата, на која уште не и се гледа крајот, туку пред се во менаџирањето на економската криза од страна на Владата, која и покрај новите мерки во сред сезона сепак засега не успеава да го „заузда“ тредот на зголемување на бројот на нови случаи на Ковид-19.

Работниците најпогодени од кризата

Додека низ светот се спроведуваат експерименти за пократка работна недела и помалку работни часови дневно, во Грција со новиот контраверзен закон за работни односи, кој предизвика лавина од протести, на работодавците им се создава можност работниците да ги принудуваат да работат и по 10 часа дневно.

За грчките синдикати законот значително ги намалува и работничките права, кои и така веќе трепеа поради ковид кризата.

Во време кога лесно се губи работното место, многу работници едноставно на сила ќе бидат принудени да работат повеќе време, за да не ја загубат работата.

Тоа и не единствената мака на работниците. За да останат на работа во блиска иднина најверојатно ќе треба и да се вакцинираат против Ковид-19, иако вакцинацијата во земјава моментално не е задолжителна.

Угостителите, кои поради долгиот период на неработење сега имаат сериозен проблем да најдат работници, стравуваат дека и за нивните работници вакцинирањето ќе стане задолжително, како што се предлага за здравствените работници и вработените во старечките домови.

„Искрено не сакам да се вакцинирам, но по се изгледа ако сакам да работам во блиска иднина ќе морам да го направам тоа.

Во Грција веќе нема демократија…“, коментира угостителска работничка од Порос.

Против вакцинацијата пред неколку дена имаше големи протести низ неколку градови на Грција, а истите продолжуваат и понатаму.

На еден од нив присуствуваше и екипата на еМагазин.

„Розеви“ медиуми

Додека економијата во земјата повторно тоне, грчките медиуми повеќе се посветени на неважни старлети и пропаганда дека се е розево во земјава, отколку на вистинската состојба во Грција и вистинските проблеми.

Кога се во прашање медиумите, начинот на кој информираат, но и кој се стои позади нив, состојбата многу потсетува на таа со македонските медиуми за време на владењето на Никола Груевски.

Па така, шокантно за една членка на Европската Унија, за кампањи за спречување на ширењето дезинформации и лажни вести и за правилно информирање на граѓаните за Ковид-19 (која би требало бесплатно да се емитува), медиумите беа „наградени“ со 20 милиони евра и се разбира најголемиот дел од парите завршија во провладините медиуми, кои не се ни трудат да скријат дека ама баш за се ја подржуваат конзервативната влада на Мицотакис.

Слично со времето на Груевски се и “штелуваните анкети“, кои секогаш и даваат висока предност на Нова Демократија.

Богатите побогати, сиромашните посиромашни

Пандемијата со Ковид-19 ги покажа сите слабости на грчкиот здравствен систем, еден од најлошите во ЕУ, па поради тоа најголеми профитери беа приватните болници.

Грчката влада досега немаше некои позначајни инвестиции во здравствениот систем, кој е пред колапс, но затоа купуваше оружје.

Па така богатите станаа уште побогати, а сиромашните уште посиромашни.

Критиките на опозицијата за лошото менаџирање и на здравствената криза предизвикана од пандемијата, не сменија ништо, па нeмаше ни одговорност, ни оставки, ниту пак посериозна реконструкција на владата на Нова демократија, која владее во Грција две години.

Официјалните податоци покажуваат дека речиси три милиони граѓани на Грција (скоро една третина) лани се соочиле со закана од сиромаштија.

Ризикот од сиромаштија е најголем кај возрасната група од 18-34 години (31,9%).

„Нова демократија мисли само за богатите“

Нова демократија одсекогаш се грижела само за богатите, коментира туристички работник од Солун.

“Тоа го видовме уште еднаш за време на оваа криза. Погледнете колку само е богат нашиот премиер“, вели тој.

Мицотакис, според неговиот анкетен лист е дефинитивно еден од најбогатите функционери во Европа.

Околу 200.000 евра е неговиот годишен приход, пренесоа грчките медиуми кога стана премиер. Приходите се од пратеничкиот мандат, од земјоделски бизнис активности, од недвижен имот, како и од кредити.

Неговата сопруга Марева Габрофски-Мицотаки, пак имала годишен приход од 71.846 евра.

Мицотакис во грчките банки имал заштеда од 1.081 евра и 547 американски долари, а неговата сопруга 285.752 евра и 182.939 американски долари во грчка, француска и швајцарска банка.

Брачниот пар има во делумна или целосна сопственост 32 недвижнини, меѓу кои куќи во различни делови на Грција, ниви, станови, а сопругата на Мицотакис има и недвижнина во Велика Британија.

Вкупно поседуваат седум возила, шест автомобили и еден камион за земјоделски работи.

Мицотакис има акции и во весникот „Кирикс“, а Габрофски во две фирми.

Актуелниот грчки премиер, во 2018 година имал кредитни долгови во висина од 449.204 евра, а неговата сопруга од 912.868 евра.

Фото: емагазин.мк/МЗ/Мицотакис/Фејсбук/Инстаграм

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Апликација која овозможува да се возите низ одредена светска метропола и истовреме да слушате локално радио

Редакција

„Францускиот предлог„ директно на пленарна, која дополнително ќе биде закажана

Редакција

Седми ден операциските сали во болницата во Прилеп остануваат затворени

Редакција