Од вкупниот број од 156 улици под надлежност на Град Скопје повеќето од половина, 91 улица или 58 проценти, се именувани по личности. Од тие личности пак, 87 се имиња на мажи или 96 проценти, и четири се имиња на жени или само четири проценти.
Ова се вели во анализата на имињата на улиците од страна на Центарот за промовирање на граѓански вредности „АГОРА“, по најавата на Град Скопје за иницијатива за промена на имињата на улиците.
Жените се малцинство и кога станува збор за плоштади и мостови. Од 13 плоштади во Скопје, шест (46 проценти) се именувани по личности од кои, само две имиња се на жени. Од осум моста во Скопје, три се именувани по личности, од кои само еден мост носи име на жена.
Сите седум женски имиња кои се искористиле за именување во градот се всушност само пет и тоа Мајка Тереза (плоштад, мост, улица), Богородица (плоштад), Индира Ганди (улица), Боца Иванова (улица), Депа Кавајова (улица).
„Имињата кои се даваат на поголемите улици во Скопје и клучните јавни простори ни кажува многу за тоа, кои се луѓето и настаните кои нашето општество сака да ги запомни и како гледаме на родовата еднаквосот. Тоа е е причината поради која новите власти честопати ги менуваат имињата на јавните простори кога ќе дојдат на власт, па така именувањето на јавните простори станува поле за борба меѓу идеологии“, се вели во истражувањето.