еМагазин
Бизнис

Ако РКЕ ги прифати барањата на енергетските компании сметките за струја ќе се зголемат за 50 денари на секои 1.000 денари

Доколку Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ги прифати барањата на МЕПСО, НЕМО и Електродистрибуција за зголемување на цените за пренос, организирање и управување на пазарот и за дистрибуција на електрична енергија, сметките за потрошена струја што ги плаќаат граѓаните би се зголемиле за 50 денари на секои 1.000 денари.

Сепак колкаво ќе биде конечното зголемување на сметката ќе зависи од цената што ќе ја постигне Универзалниот снабдувач ЕВН хоум на тендерот за набавка на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар што треба да го објави во јуни.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски вели дека Регулаторната комисија може да влијае само на 38 отсто, но не и на останатите 62 процента од сметката што ја плаќаат граѓаните и малите фирми до 50 вработени или со до два милиони евра годишен приход, кои имаат право да останат на регулираниот пазар.

Како што истакна Бислимоски на денешната средба со новинарите, МЕПСО побарал зголемување на цената за пренос на електрична енергија од 143 отсто, Националниот енергетски маркет оператор (НЕМО) за организирање и управување на пазарот на електрична енергија побарал зголемување за 45 отсто, а Електродистрибуција зголемување за 0,95 отсто на цената за дистрибуција на електрична енергија.

ЕВН хоум до РКЕ доставила само барање за маржа, но, како што рече, не може да излезе со цена, бидејќи во јуни треба да го објави јавниот тендер за набавка на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар до крајот на годинава.

На овој тендер ЕСМ има обврска да понуди 70 отсто од потребните, а останатите ЕВН хоум да ги набави на слободниот пазар. Доколку цената што ќе ја понуди ЕСМ биде повисока, ЕВН хоум може сите потреби да ги задоволи на слободниот пазар.

-Од следната недела ќе правиме анализа на доставените барања. Доставиле трошоци за материјали, енергија, бруто-плати, вонредни трошоци, амортизација, профит, трошок за набавка на загуби на електрична енергија во преносната и дистрибутивната мрежа и за пренесени трошоци за законски обврски на кои не може да влијае претпријатието. Во наредниот период ќе видиме што признаваме, а што не, рече Бислимоски.

Нагласи дека вообичаено не признаваат било какви трошоци или набавка на основни средства кои не се поврзани со енергетската дејност на компаниите како што се инвестиции и трошоци за ски-центри и за одморалишта.

-Ќе ги анализираме и сите нивни основни средства кои ги имаат доставено и доколку за некои сметаме дека се прескапо набавени или дека нема потреба од такво основно средство ќе ги одбиеме и нема да ги признаеме во цената, потенцира Бислимоски.

Истакна дека ЕСМ во првите четири месеци од годинава нудел 70 отсто од потребите на ЕВН хоум за регулираниот пазар по цена од 38,8 евра за мегават час, а останатите 30 проценти се набавени од други учесници на пазарот на електрична енергија меѓу кои и ГЕНИ со просечна цена од 60 евра за мегават час.

Во моментов во земјава цената на електричната енергија на регулираниот пазар е 4,81 денар за потрошен киловат час, а според оценките на РКЕ доколку потрошувачите би излегле на слободниот пазар би била за 30 отсто повисока.

Пониска цена плаќаат само граѓаните на Косово и тоа 3,7 денари и на Србија 4,7 денари за киловат час. Цената во Босна е 5,55 денари, во Албанија 5,66, Бугарија 6,13, Црна Гора 6,35, Хрватска осум денари, Словенија 8,91, Романија 8,97, Италија 13,69 денари, Австрија 12,93, Белгија 17,17, Данска 17,42 и Германија 18,71 денар за киловат час.

Според пресметките на РКЕ, доколку се намали ДДВ за потрошена струја од сегашните 18 на 5 отсто тоа би ја чинело државата околу 27 до 28 милиони евра на годишно ниво врз основа на тоа што е фактурирано и наплатено за 2020 година.

Во 2020 година ЕСМ со понудената цена на тендерот на регулираниот пазар на електрична енергија за ЕВН хоум влијаел со 42,88 отсто на крајната цена на струјата, обновливите извори на енергија за кои постои законска обврска да им се откупи енергијата по фидин тарифа од страна на НЕМО, која лани изнесувала 99 евра за мегават час, влијаеле со 7,3 отсто на крајната цена.

Преносниот оператор МЕПСО за пренос на електрична енергија влијаел со 3,53 отсто, операторот на електрична енергија НЕМО со 0,13 отсто за организирање и управување на пазарот, Електродистрибуција со 35,91 за дистрибуција и ЕВН хоум со 10,26 отсто за снабдување.

РКЕ може да влијае само на процентот на МЕПСО, НЕМО и Електродистрибуција во крајната цена, како и во делот на пренесени трошоци и фактор на корекција во делот на ЕВН хоум, каде влегуваат и маржата од 10,47 отсто утврдена на тендер за период од пет години и законската обврска на МЕПСО за балансирање на енергија од 1,27 отсто.

Енергетската заедница има забелешка на начинот на кој се одредува цената на струјата во земјава и бара од РКЕ повеќе да не ја утврдува крајната цена на регулираниот пазар. Ваков начин на одредување на цената има и во Косово и Србија, а во останатите земји регулаторот само ги кажува маржите за пренос и дистрибуција, а универзалниот снабдувач набавува на тендер, а тендерската цена само се трансферира кон крајната цена.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Бизнисмените на средба со Филипче: На пристојна далечина се разговараше за олабавување на мерките

Редакција

Судот го прифати барањето за стечај на скопски Бетон

Редакција

Каде сѐ освен Штип, Лидл планира да отвори маркети

Редакција