„Алкалоид“ АД Скопје го објави бизнис планот за 2019 година преку Македонската берза од кој може да се види дека компанијата следната година планира добивка од 15,3 милиони евра, што е зголемување во однос на проектирана добивка за годинава од 14,3 милиони евра.
„Согласно стратешката определба, Алкалоид и во 2019 година ќе продолжи по курсот на развојот, ќе продолжи да инвестира во производствените капацитети и во современите технологии, во човечките ресурси и во заедницата воопшто.
Бизнис планот за 2019 година предвидува инвестирање на околу 16% од консолидираните продажби во материјални и нематеријални средства од сопствени извори, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на очекуваните за 2018 година како и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на очекуваниот за 2018 година.
Сегментарно по Профитни центри, 85% од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 15% ПЦ Хемија Козметика Билкарство“, информираат од компанијата.
Се очекува 37% од консолидираните продажби да бидат остварени на домашен пазар додека 63% од извоз.
„Прв приоритет и понатаму останува регионот. Втор приоритет се земјите од ЕУ, САД, Русија и земјите од ЗНД. Трет приоритет се останатите пазари“, велат од компанијата.