Глобалниот бес поради руската инвазија на Украина минатата година само ги разоткри „двојните стандарди“ на Западот кон кршењето на човековите права ширум светот, соопшти „Амнести Интернешенел“.
Во својот годишен светски извештај за 2022 година, „Амнести Интернешенел“ укажа на, како што го опиша, молкот на Западот за правата во Саудиска Арабија, репресијата во Египет и постапувањето на Израел кон Палестинците.
„Силичниот одговор на Западот на руската инвазија на Украина ги истакна двојните стандарди, разоткривајќи колку безначајни биле нивните реакции на толку многу други прекршувања на Повелбата на ОН“, рече генералниот секретар на „Амнести Интернешенел“, Агнес Каламард додека го промовираше светскиот извештај на групата во Париз.
„Рускиот напад, кој започна на 24 февруари 2022 година, ни даде многу редок увид на тоа што е можно кога постои политичка волја да се дејствува, додека Западот ги затвора редовите за поддршка на Украина“, додаде таа.
По инвазијата, многу земји воведоа санкции кон Москва и ги отворија границите за украинските бегалци, а Меѓународниот кривичен суд започна истрага за воени злосторства во Украина.
„Амнести Интернешенел“ соопшти дека конфликтот ги истакна недостатоците во одговорот на кршењето на правата во другите делови на светот, како и „заглушувачкиот молк на Западот за состојбата со човековите права во Саудиска Арабија, неактивноста кон Египет и одбивањето да се соочи со израелскиот систем на апартхејд против Палестинците“.
МИА/Фото: Украинско министерство за надворешни работи