еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Анализа: Зошто намалената маржа може да ги затвори бензинските станици

Во најголем дел од светот, малопродажните цени на горивата се одредуваат на слободниот пазар. Тие, пред сѐ, зависат од економските движења на берзите со сурова нафта, но и од понудата и побарувачката во секоја земја засебно.

Тоа значи дека споменатите држави имаат нерегулиран пазар на нафта и нафтени деривати, додека во Македонија, функционирањето на овој бизнис-сегмент се дефинира со работата на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Преку одлуките на ова тело се формулираат највисоките малопродажни цени на нафтени деривати и горива за транспорт.

Токму оваа институција пред неколку дена донесе одлука за драстично намалување на маржата за 33 проценти, односно од 4,5 на три денари за секој литар продадено гориво.

Цената на суровата нафта се зголемуваше за сиот период на ковид-пандемијата, но рекордите почнаа да се рушат од почетокот на годинава наваму, кога најпрво се зголемуваа тензиите, а потоа почна и конфликтот во Украина.

Во текот на првиот квартал на 2022 година секојдневно се случуваат тектонски промени на берзите, цените на суровата нафта непрекинато се искачуваат, а се појавуваат и шпекулативни ситуации поради кои граѓаните панично купуваат гориво со што екстремно ја зголемуваат потрошувачката.

Сето ова влијае врз трговците со гориво насекаде во светот, вклучително и во Македонија, кои што веќе неколку недели работат со големи загуби.

Дистрибутерите и продавачите на нафта и нафтени деривати во неколку наврати истакнаа дека споменатите услови ја прават методологијата за формирање највисоки малопродажни цени на РКЕ несоодветна за вакви екстремни кризни услови.

Несомнено, глобално политичката ситуација се чувствува во секоја пора од општеството, но со преполовувањето на маржата, сиот товар за трошоците што се генерираат преку набавка и продажба на горива се префрла на грбот на трговците со нафта и нафтени деривати. Ако со претходните тие создаваа загуби, со новите, екстремно спуштени маржи, овие компании се туркаат кон банкрот и затворање.

Бездруго, горивата се еден носечките двигатели на секоја економија, но заклучокот дека за нивното нормално набавување и доставување до крајните потрошувачи целата одговорност е префрлена на трговците, се потврди и преку новите антикризни мерки од Владата.

Оттаму најавија дека за ова ќе се потрошат 400 милиони евра, но во делот со горивата, освен што ќе има намалување на данокот на додадена вредност, како и на акцизата, не е спомената никаква поддршка или олеснувања за претпријатијата што се занимаваат со продажба на нафта и на нафтени деривати.

Овие компании се меѓу ретките сектори од македонската економија кои што за време на Ковид-кризата не користеа никаква државна помош, односно сето функционирање го базираа на сопствени средства и притоа, го задржаа истиот број на вработени и на активни продажни локации, како и пред почетокот на епидемијата со коронавирусот. Иако со можеби смалено темпо, дел од нив дури и продолжија со инвестициските циклуси, што изминативе неколку години е вистинска реткост во повеќето економски гранки.

Сосема е јасно дека актуелната ситуација воопшто не е лесна, многумина прогнозираат дека таа ќе се влошува пред да се придвижи во позитивна насока, а конкретно во земјава, тоа го потврдија и националната Стопанска комора и таа на северозападна Македонија, кои побараа од државните и останатите институции да не креираат услови кои што ќе го нарушат оперативното работење на компаниите.

Со цел тоа да се постигне или барем да се одржи на некаков разумен минимум, а притоа да не се создаваат вештачки состојби неодржливи на долг рок, мора да се има предвид дека трговците со нафта и нафтени деривати имаат и други трошоци освен набавка на овие енегенси, како електрична енергија, редовно одржување и сервисирање, исплата на вработени, давачки кон државата.

Дел од овие ставки изминативе две години се во постојан пораст, што е меѓу дополнителните причини зошто овие компании работат со загуба, која што единствено би можеле да ја надокнадат и покријат со разумна и прифатлива маржа. Со новата, екстремно намалена, тие можеби ќе се решат за најтешкиот, но во вакви услови најисплатлив, бизнис-чекор: да стават клуч на бензинските станици.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Добрата Влада, лошите трговци и загрижените граѓани

Рафтовите во продавниците нема да останат празни, тврди Бектеши за „еМагазин“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Јанакиески доби четири години и шест месеци затвор за „Титаник“, Јанкулоска две години и шест месеци

Редакција

Проверете дали сте на новата Листа на должници на УЈП

Редакција

Лекарите вознемирени, комората бара расветлување на случајот со убиството на докторот во Железара

Редакција