еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Добрата Влада, лошите трговци и загрижените граѓани

Добрата Влада која се грижи за граѓаните донесе мерка за ограничување на маржите на лошите и алчни трговци и … го наруши синџирот на снабдување.

Привидно мерката на Владата е оправдана, нема недостиг на производи, цените се под контрола, на некои производи цените се намалија, загриженоста на граѓаните изгледа неоправдана. Лошите трговци манипулирале со залихите и вештачки предизвикувале загриженост. Но, која е вистината?

За помалку упатените да потсетиме дека поимот маржа во производството или трговијата го означува процентот што производителот или трговецот го додава на производната или набавната цена.

Маржата треба на производителот, односно на трговецот да му обезбеди неговиот труд и сите направени трошоци да се исплатат. Маржата ја одржува рентабилноста на компанијата.

Зголемувањето на маржата е услов за добро движење на капиталот, но доколку се намалува е знак дека компанијата може да има потешкотии во работењето. Едноставно, профитот ги мотивира производителите и трговците. Тие не се непрофитни организации, туку постојат за да прават профит.

Се додека го остваруваат профитот ќе има производи. Долгорочно само конкуренцијата може да влијае на намалување на маржите

Со маржи од 5% во големопродажба и 10% во малопродажба бизнисите стануваат непрофитабилни. Трошоците на работа се повисоки од маржите определени од Владата, уште повеќе во услови на зголемени цени на енергија, транспорт, плати за вработени…

Не познавам трговец кој може да работи профитабилно со маржите определени од Владата.

Можеби не ги разбрав трговците или можеби не ги разбирам мерките на Владата … нели се во интерес на граѓаните. Не знам зошто, но кога ќе ги слушнам овие зборови веднаш ме асоцира дека се прави нешто што не е во нивен интерес. Или можеби ми се причинува?

Владата ќе ги казнува трговците, но казната најмногу ќе ја почувствуваат граѓаните, а кој ќе ја казни Владата?

Ако е вистински заинтересирана да го сочува стандардот на граѓаните и да избегне недостиг на производи Владата може да ги намали царините, акцизите, ДДВ, да ги дополни стоковите резерви и да интервенира на пазарот. Но, дали Владата е подготвена или полесно е вината да се префрли на лошите алчни трговци.

А тие алчни трговци се задолжуваат кај банките, кај добавувачите, за да го одржат функционален ланецот на снабдување. Но, до кога? Не повеќе од еден месец или можеби два, во надеж дека Владата ќе ја сфати сериозноста на состојбата и ќе се издигне над популизмот.

Што да очекуваме доколку Владата остане на оваа мерка до 31 мај?

Во таков случај единствено што може да се очекува е недостиг на производи, особено на оние опфатени со мерката за ограничување на маржи, парадоксот да биде поголем, тоа се основните прехранбени производи.

Ова ќе се случува постепено, прво ќе ги снема производите што најмногу се купуваат, на места каде што најмногу се купува. Трговците нема остро да се спротивстават на Владата, веќе се уморни од постојаната битка да обезбедат производи по разумни цени, соочени со секојдневните зголемувања на цените.

Во вакви услови ќе и биде поедноставно да се откажат од увоз, а Македонија е увозно зависна или можеби не е? Можете ли да замислите што ќе се случи со работниците ангажирани во тие сектори?

Доброто е што се уште може нешто да се направи. Најпрво, веднаш да се укине мерката за ограничување на маржите. Да се остави пазарот да функционира без мешање на државата.

Во спротивно, наскоро нема да го поставуваме прашањето за високите цени, прашањето ќе биде како да обезбедиме храна и енергенси. Можностите ќе бидат пропуштени. Во услови на глобален недостиг на храна многу држави ќе забранат извоз на храна. Не само што ќе биде скапа, ќе има недостиг на храна.

Во Украина е 1/3 од обработливото земјиште во Европа, а пченица, пченка, сончоглед, добиточна храна растат на Алпите, нели? А гас, нафта, јаглен? Во Украина има војна или не сум разбрал добро?

Русија е најголем извозник на пченица, а е под санкции? А населениото што бега од виорот на војната ќе ја обработува земјата и ќе вади нафта, гас и јаглен или можеби војската, украинска или руска?

За среќа Украина е далеку, па не не засега, а САД, Канада, Австралија, Кина се блиску, од таму ќе увеземе.

Но, производи сепак ќе има, но не во супермаркетите каде вообичаено купувате, туку на места надвор од регулираниот пазар. Таму кредитните и дебитните картички нема многу да користат.

Звучи застрашувачки и Ве вознемирува. Мислите дека во 21 век ова не може да се случи?
И јас мислев така, кој знае. Одам во продавница , патем ќе свратам до бензиска и до банка,
да проверам дека е се во ред и да се смирам.

Авторот е трговец-увозник, неговото име е познато на редакцијата

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Замрзнатите цени ќе се одмрзнат од 1 март, ќе се ограничува маржата за основните производи

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Министерство за економија побара од Владата да се укине мерката за субвенционирана струја за прехранбената индустрија

Редакција

На гала настан на ACI во САД: Скопскиот аеродром ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги за 2023 година

Редакција

Каков имот пријавил Арафат Шабани, заменикот министер за образование и наука

Редакција