еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Јанис Јанопулос, првиот човек на ЕДС: Македонски научив од песните на Тоше и Владо Јаневски

Јанис Јанопулос, главен извршен директор на Енерџи Деливери Солушнс (ЕДС), грчка компанија која е една од најголемите снабдувачи со струја во Македонија во рубриката на еМагазин „На кафе во Кантина“ за првпат зборува за приватниот живот, кариерата, семејството…

Семејство на инженери

Роден е во Атина, како што вели, во семејство на инженери, што имало влијание на неговиот понатамошен развој, па уште од дете се замислувал како работи во сферата на телекомуникациите.

Основно и средно техничко училиште завршил во Атина, а кога дошло време за студирање имал дилема помеѓу Бугарија и Италија.

„Ако на 18 години отидев во Италија, таму и ќе останев. Па, одлуката падна на Софија, и заедно со брат ми Спирос заминавме. Јас дипломирав на Електро – техничкиот факултет како инжинер, а брат ми стана логопед“, вели тој.

Интересен детаљ од тој период во неговиот живот е што за да се запише на факултет во Бугарија, морал да го научи бугарскиот јазик, па една година го учел истиот.

„Јазиците ги учам брзо, па во Бугарија стигнав до ниво таксистите да ме прашуваат од каде знам грчки јазик“, вели тој.

Во Скопје магистрирал и во областа на маркетинг и финансии.

Како стигна во Македонија

Првото работно искуство го има во Атина во фирма за проектирање и консултации во областа на поставување перални и кујни во клиники, хотели и сл..

„Звучи едноставно, но оваа работа е цела една наука“, раскажува тој.

Паралелно приватно работел и во градежништвото, како електро и машино инженер за проектирање и изведување за сите инсталации на згради.

Во тој период нема допир со секторот на телекомуникации, а првата шанса му се отвара кога грчката национална телекомуникациска компанија ОТЕ планирала да купи телекомуникациска компанија во Бугарија, но тоа не се случило.

Во 2002 година конечно добива шанса да работи во телекомуникациите, во Скопје.

Станува дел од тимот на Македонски Телеком, во времето кога се воведува брзиот интернет.

Бил снабдувач за продавниците на Телеком, Нетфон.

„По природа сум човек кој што постојано сака предизвици и постојано учи. Лесно се адаптирам и трката по заработувачка никогаш не ме исполнувала“, вели тој.

Како научи македонски

Разговорот со Јанопулос, кој е во фаза на добивање на македонско државјанство, по регуларен пат, го водевме на македонски. Делот кој се однесува на јазикот веќе го поминал.

“Кога во 1992 година дојдов во Скопје, не знаев речиси ништо за Северна Македонија. Во тоа време односите меѓу двете земји беа тензични, но лично не почувствував ништо од тоа.

Ме пратија во Северна Македонија, бидејќи веќе го знаев бугарскиот јазик, но за брзо време сфатив дека македонскиот и бугарскиот се многу различни јазици.

Прво само слушав, за убаво да го сфатам јазикот и да ги увидам разликите.

Баш кога дојдов беше време на изборна кампања, па на телевизија гледав митинзи, но и слушав доста музика. Со песните на Тоше Проески и Владо Јаневски, многу полесно го научив македонскиот јазик. Нивните песни се прекрасни. Љубител сум и на фолклорот“, раскажува Јанопулос, кој бил и играорец.

„Длабоко ја сакам и ја почитувам земјата и е вистина тоа што народот го вели: “од кај ти е жената, од таму ти е родата““, вели Јанопулос.

Во време на криза директор на компанија во бизнисот со струја

Пред да стане прв човек на ЕДС минатата година, во Македонија, освен во Македонски Телеком, бил и во бизнисот со лизинг на автомобили и трговија.

Во време на криза со струја, од октомври лани добива нов предизвик, да води компанија која е во бизнисот со продажба на електрична енергија.

“Во време на криза, многу побрзо учиш. Се наоѓаш во најразлични ситуации, кои те тераат да реагираш брзо“, вели Јанопулос, кој доаѓа на оваа позиција како преставник на мајката компанија на ЕДС, грчкото електростопанство, ППЦ.

И неговото претходно образование му помогнало полесно да се снајде на новата позиција.

Љубов се раѓа во Маврово

Месецов Јанопулос по 20 години го круниса со брак своето партнерство со штипјанката Анита, со која се запознале во Маврово, на компаниски настан на Македонски Телеком, во кој се уште работи Анита.

„Почна како пријателство, па се разви во љубов. Можам слободно да кажам дека сме одличен тим, кој се почитува меѓусебно и има разбирање за разликите и амбициите на другиот“, раскажува тој.

Имаат две деца, Владимир, син на Анита од претходен брак и Харис, негов син од претходен брак.

„Владимир со голема љубов го израснав како мој син. И тој е мој син. Пред некое време го оженивме и сега чекаме внуци“, раскажува тој.

Харис живее во Пиреја, Грција, но, без разлика двајцата се сакаат и се почитуваат како вистински браќа и пријатели.

„Со Анита поминавме најразлични периоди во животот, и добро и лошо, како што се вели. Ме фасцинира што Анита не престана да се доградува и како личност и професионално. Никогаш еден на друг не сме правеле пречки во целите и амбициите во животот. Напротив, постојано се бодриме“, вели Јанопулос.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бугарија ги кажа условите за датум за ЕУ: Скопје да не бара признавање на македонско малцинство

Редакција

Кои се новите в.д. директори на јавните претпријатија во Скопје

Редакција

(Видео) Бетонски столб пред црквата во Кочани го „спречил„ 18-годишниот крадец да побегне со возилото на Итната помош

Редакција