еМагазин
Image default
Македонија

Апелациски: Наводите од Груевски се груба невистина и манипулација со јавноста

Апелацискиот суд Скопје во целост ги демантира наводите изнесени на прес-конференцијата од Никола Груевски во врска со предметот „Тенк“, оценувајќи ги како груба невистина и манипулација со јавноста.

– Наводите на обвинетиот се во целост невистинити, исконструирани и тенденциозни со цел да се дискредитира Судот и да создаде лажна перцепција во јавноста дека судството е под притисок на власта и носи нарачани одлуки, се наведува во соопштението од скопска Апелација.

Во соопштението е нагласено дека тврдењето на обвинетиот Никола Груевски на прес-конференцијата дека поседува сигурни извори дека судиите на Апелацискиот суд Скопје биле повикувани поименично еден по еден кај в.д. претседателот на Судот, дека подлегнале на притисоци и дека веќе е донесена одлука за негова осуда, за предмет за кој се уште е во тек јавната седница, претставува груба невистина и манипулација со јавноста.

Од Судот информираат дека предметот е распределен кај судијата известител согласно АКМИС системот, а Советот постапува според годишниот распоред за работа на судиите донесен од страна на претседателот на Судот, согласно Судскиот деловник.

– Јавната седница е закажана согласно Закон, по барање на обвинетите и нивните бранители за која беа определени два дена, со цел одбраната и обвинетите да ги изнесат нивните наводи во врска со обжалената пресуда. Времетраењето на јавната седница одржана на 31.08.2018 година беше пролонгирано поради последователни – едно подруго поднесувани барања на одбраната за изземање на судиите, со јасна цел истата да не се одржи, поради која причина и се одолговлекуваше траењето на јавната седница, а која по нејзиното започнување беше прекината и за продолжението на истата дополнително беше определен уште еден термин, усогласен со одбраната и обвинетите, се наведува во соопштението од Апелацискиот суд Скопје.

Груевски денеска најави дека утре нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.

Обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат, како што рече, под притисок.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Милошоски нема да одговара за злоупотреба на службена дејност во „Моќник“, само за измама

Редакција

Уште 9 македонски државјани го напуштија Израел, уште околу 100 чекаат да заминат

Редакција

(Видео) Запален автомобилот на екс градоначалникот Шилегов, во пожарот оштетени уште три возила

Редакција