еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Архитектот Ѓоко Радовановиќ е добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“

Врз основа на одлуката на Управниот Одбор на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) донесена на 14.01.2021 година, наградата за животно дело во областа на архитектурата и градителството “Андреја Дамјанов” за 2020 година е доделена на Ѓоко Радовановиќ, дипломиран инженер архитект од Скопје, информираат од Асоцијацијата.

„Особено ми е драго што оваа награда се додели на еден истакнат архитект како што е Ѓоко Радовановиќ. Неговите архитектонски дела, стилот и изразот оставаат огромен белег, посебно на градот Скопје.

Работата на архитект Радовановиќ е од суштинска важност за современата македонска архитектура, во целина”, истакна проф. д-р Мишко Ралев, претседател на ААМ.

Ѓоко Радовановиќ е роден во Подујево, во 1949 година. Средно образование, насока архитектонски техничар, завршува во Ниш (1967), а Високото образование го продолжува на Архитектонскиот Факултет во Скопје. Радовановиќ зад себе има богато архитектонско творештво.

Креатор е на проекти и објекти кои оставиле значаен белег на современата македонска архитектура. Автор е на 124 проекти, од кои негови позначајни архитектонски дела се: Соравиа Центар Скопје (“Soravia Center Skopje”), Соравиа Ресорт Скопје (“Soravia Resort Skopje”), С.Ц. “Јане Сандански”, “Вила Дарко Панчев”, индустриски објект “Рио Кафе” и многу други.

Во доменот на изработка на специфични проекти, се јавува како автор на „Студија за монтажни соларни куќи” и на „Студија за монтажни санитарни кабини”. За успешната кариера на Радовановиќ зборуваат и досегашните две големи награди за архитектура, доделени под покровителство на Претседателот на Р.С.М. – за Спортскиот Центар ,,Јане Сандански” (2014) и за „Индивидуален станбен објект со посебен режим на домување“ во Скопје (2016).

Наградата за животно дело „Андреја Дамјанов” е востановена на 28 декември 1989 година, во чии рамки Академик Крум Томовски свечено бил прогласен за прв Лауреат. Наградата се доделува врз основа на јавен повик на кој можат да се пријават кандидати – државјани на Р.С.Македонија, додека право на поднесување на предлози имаат само членови на ААМ.

Добитникот на наградата автоматски станува редовен член на Архитектонска Академија на ААМ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Росица Мршиќ специјален интернационален гостин на фестивал за мода

Редакција

Бигорскиот манастир преполн со верници

Редакција

„Блок 27“ нова интригантна серија од продукцијата на Телеком Србија ексклузивно на Суперстар

Редакција