еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

„Бајки од Македонија“ ја шират македонската култура – достапни и на јапонски јазик

„Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ продолжуваат да ја докажуваат својата универзална вредност. Осум бајки и басни што се дел од овие изданија отсега ќе бидат достапни и на јапонски јазик и во нив ќе можат да уживаат и децата од Јапонија, информираат од таму.

Бајките „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Девојчето и дванаесет месеци“ и басните „Војската на лавот“, „Лакомата меца“, „Кучето и зајакот“ и „Жабата и зајакот“ во јапонските изданија добија и автентична илустрација со што уште повеќе им се приближуваат на јапонските читатели.

Досега „Бајки од Македонија“ се преведени на седум јазици и на Брајовото писмо, наградувани се во светот и во земјава и се едни од најпродаваните книги за деца кај нас. „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“ се во издание на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, а во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“. Јапонските изданија се веќе достапни во училишните библиотеки во Јапонија.

„Фактот дека во „Бајки од Македонија“, сега ќе можат да уживаат и најмладите Јапонци е најголемата награда за нашиот вложен труд, време и средства, но и најмоќниот начин за ширењето на македонската автентична култура низ светот. Тоа е потврда дека вистинските вредности секогаш се препознаваат.

Фактот дека овие изданија успешно ги надминуваат националните културолошки рамки и нивните универзални пораки допираат до секој човек на планетава е огромна сатисфакција за оваа наша хуманитарна работа. Продолжуваме со иста посветеност да создаваме нови успешни приказни“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на извршниот одбор на „Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“.

Изданијата на јапонски јазик се дел од проектот „Град домаќин“ што го реализира Асоцијацијата за култура на градот Чагасаки, Јапонија. Оваа асоцијација е волонтерска и работи на проекти чијашто цел е поголемо поврзување помеѓу различни култури во светот. Начинот на раскажување е близок до традиционалниот јапонски стил камишибаи, кој користи слики за раскажување приказни и е позната како еден вид уличен театар.

„За секој издавач најголема потврда за успешен проект е потенцијалот на изданијата. „Бајки од Македонија “и „Басни од Македонија“ не само што беа одлично прифатени туку истовремено ја потврдија својата вредност и популарност, поради што и доживеаја неколку реизданија на домашниот пазар. Истовремено, успешно се наметнаа и на интернационалните пазари. Продолжуваме да го развиваме овој проект и да создаваме жива култура што ќе биде широко прифатена“, истакна Бранка Бугариска, главен уредник во „Арс Ламина“.

Во тек е и проектот „Современи бајки од Македонија“, чијашто цел e да создаде можност за авторски израз на млади автори и илустратори. На конкурсот за современи бајки беа избрани бајките „Перуника“, „Бакнежот на пролетта“, „Сончевото момче Ил“ и „Осаменото дрво“. На отворен конкурс беа избрани и илустраторите, чиишто визуелни решенија се во завршна фаза.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Причината за автобуската несреќа кај Ласкарци не е од машинска природа, тврди вештакот Мирчевски

Редакција

(ВИДЕО) Столтенберг: Идејата дека може да ја отфрлите спогодбата со Грција и да се зачлените во НАТО е целосна илузија

Редакција

Обезбеден е природен гас до крајот на месецов, на маса се повеќе опции за снабдување на индустријата по 1 мај

Редакција