Од Беса и Алјансата на Албанците денеска регираа поради тоа што новиот закон за Јавно обвинителство односно судбината на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ја носат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во партиски преговори со ДУИ како партнер.
„За жал, нашата загриженост што ја презентиравме пред јавноста во врска со лидерската средба и проблемите во правниот систем со кои се соочува државата се покажаа точни.
Сведоци сме на неуспешната средба меѓу претседателите на двете најголеми македонски партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Како што веќе рековме, апсолутно е неприфатливо две страни вклучени директно или индиректно во судски постапки или се во истрага од специјалното или јавното обвинителство да преговараат за иднината на ваквите важни институции во државата.
Сите наши сознанија се потврдија дека ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ, како политички претставници на ДУИ, не можат да одлучат да имаат независен и професионален судски систем, бидејќи обете страни заедно со нивниот заеднички именител ДУИ се актери кои сакаат да избегаат од правдата.
Не е прифатливо за правдата и за владеењето на правото да преговараат токму оние кои ја избегнуват правдата или се обидуваат да најдат пропусти за да избегаат од гонење за сторените злосторства“, велат од Беса.
Алијансата за Албанците реагираше што како политичка партија не била поканета да присуствува на лидерската средба на премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На вакви средби, како што рече лидерот на партијата Зијадин Села, треба да учествуваат четирите поголеми политички партии.
„За Алијанса за Албанците нема да биде прифатлив никаков договор во иднина што ќе се донесе само меѓу еден блок политички партии. Концептот четири поголеми политички партии, две од македонските политички партии и две од албанските политички партии треба да продолжи“, рече Села на денешната средба со медиумите. Додаде дека како албанска опозиција имаат што да кажат за повеќе теми, меѓу кои пописот, Законот за ЈО, за реформи во Изборниот законик.
Села посочи дека го осудуваат однесувањето на премиерот кој, како што рече, се однесува ноншалантно спрема опозицијата.
Според Села, однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ е неприфатливо во врска со амандманите за законот за ЈО. Додаде дека тие поднеле околу 30 амандмани.
„СЈО треба да се зачува. За тоа имаме 27 амандмани во предлогот за новиот закон за јавно обвинителство. Ист предлог слушаме на преговорите, премиерот му го предлага на Мицкоски“, рече Села.
Алијанса за Албанците предлага во иднина со СЈО да раководи обвинител од странство, поточно од земјите од ЕУ или од САД.
За процесот на ветинг, Села рече дека тие се за негово воведување без разлика на исходот и додаде дека треба „да се исчисти“ системот од корумпирани функционери. Смета дека на есен треба да добиеме датум за преговори со ЕУ.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски: Заев дојде со план да не се постигне договор за да си го заштити криминалот