еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Без потребното мнозинство денеска во Собранието почнува расправата за уставните измени

Без потребното мнозинство денеска во Собранието во Комисијата за уставни прашања почнува расправата за уставните измени, со кои и Бугарите треба да влезат во македонскиот Устав, што е услов за отпочнување на преговорите со Европската Унија.

По усвојувањето на дневниот ред, се очекува предлогот во 30 минути да го образложи премиерот Димитар Ковачевски, а по него да зборуваат пријавените членови и заменици на ова законодавно тело, а потоа право за збор ќе имаат и други пратеници.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Владата го објави текстот за уставните измени, со кои и Бугарите ќе влезат во Уставот

Владата минатиот вторник до Собранието го достави предлогот за уставни измени. Интервенциите во Уставот, како што посочија од Владата, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата.

Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.

Најавите се дека на Комисијата за уставни прашања пријавени за збор ќе има од сите пратенички групи кои ќе ги образложат своите ставови, како и дека на Комисијата ќе учествуваат и пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која е против уставни измени.

Претседател на Комисијата за уставни прашања е по функција претседателот на Собранието Талат Џафери, негов заменик е Арта Биљали-Зендели, членови на Комисијата се Даниела Стојановска Пановска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски, Емилија Рамбабова, Илија Николовски, Даниела Маркоска, Марија Ангелова, Антонио Милошоски, Јован Јаулески, Лидија Петкоска, Гордана Сиљановска Давкова, Дафина Стојаноска, Иван Стоилковиќ, Фиснике Бектеши Шаќири, Ремзи Мехмеди, Ане Лашкоска, а шеснаесет други пратеници се заменици – членови на Комисијата.

Членот 196, став 2 од Деловникот за работа на Собранието предвидува претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања да трае најмногу десет работни дена.

Член на Комисијата за уставни прашања и пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Според соопштението од Собранието, со оглед на тоа што 2 Август е неработен ден, а за 27 јули веќе е закажана седницата за пратенички прашања, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши меѓу 7 и 9 август.

Владејачката коалиција составена од СДСМ, ДУИ, ЛДП, ДОМ, Алијанса за Албанците и други помали партии ќе ја поддржат иницијативата за уставни измени. Според преговарачката рамка, Македонија до крајот на ноември, кога завршува скринигот за земјава треба да ги донесе уставните измени, по што треба да се одржи втората меѓувладина седница. Доколку тоа не се случи има предупредувања дека процесот за преговори со ЕУ би можел да запре.

Лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски вчера изјави дека нивниот став останува ист и оти тој е поддржан од органите на партијата и од пратеничката група.

-Нашиот став е аргументиран и до сега непроменет. Не гледам причина под ваков притисок, истиот да биде променет. Тој е поддржан и од органите на партијата, од пратеничката група и очекуваме европско однесување кај нашите стратешки партнери и со една идна влада да седнеме, дел од тие околности кои се проблематични и нас не загрижуваат, да бидат променети, рече Мицкоски.

Тој потврди дека денеска ќе бидат присутни во Парламентот кога ќе биде ставена точката на дневен ред, а како што рече, членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против.

-Утре ќе бидеме присутни во Парламентот, и кога ќе биде точката ставена на дневен ред, членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против. Така ќе биде и на самата седница кога за овие уставни измени, од работната група, предводена од Цаца Николовска доставени во Парламентот, рече Мицкоски, кој смета дека за да почнат уставните измени, нема никаква потреба во првиот чекор да имаме содржина на истите.

Опозицијата исто така бара одржување брзи парламентарни избори.

МИА/еМагазин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Камчев за еден месеци, два пати позитивен на Ковид-19: Oдложено рочиштето за „Плацови на Водно“

Редакција

Кои производи ќе поевтинат со усвојување на законските измени за акцизата и ДДВ

Редакција

Укинато ограничувањето за бројот на лица на иста маса за кафулињата и рестораните

Редакција