еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Борче Стаменов поправа и донира компјутери: Државата со малку пари може да ги обезбеди тие 3.000 семејства кои немаат

Борче Стаменов e херојот од Кавадарци кој секојдневно склопува и поправа стари компјутери кои ги подарува на социјално загрозени семејства, деца со попреченост, или едноставно, наши сограѓани кои не можат да си дозволат сами да си купат.

Се започнало кон крајот на 2016 година кога во фирмата во која 20 години работи „Бидат информатика“, една жена му побарала половен компјтер.

„Старите компјутери ги чував за делови, не ги фрлав. Жената кога ми побара, склопив еден и утредента ѝ го однесов. Немаше ни со што да си го земе. Четирите деца кога го видеа се израдуваа, никогаш претходно немале видено компјутер. И така започна се,“ раскажува Борче за „еМагазин“.

Откако подарил 20 компјутери без никаква логистика, упатил апел за донации на стари компјутери. Се пријавиле компании, физички лица, па се собрале околу 40 за донирање.

„Ми беше интересно како ќе се снајдам, но го фатив редот. Сега функционирам така што, не ги чувам кај мене многу време. Веднаш по донацијата проверувам дали работи, ако не работи гледам што можам да искористам, го вадам настрана, а другото оди во електронски отпад.

Соработувам со „Нула отпад“ и се што е неупотребливо го собираат и уништуваат по сите правила и прописи, за тој електронски отпад да не заврши несоодветно,“ додава нашиот соговорник.

Стаменов до сега донирал 321 компјутер, а вели дека има зголемен интерес со онлајн наставата.

„Првите 100 компјутери сум ги дал за две години, вторите 50 минатата година, а годинава како е почната имам дадено 200 компјутери. Според Министерство за образование има 3.000 семејства кои се без компјутери. Сега оваа четврта сезона најверојатно ќе заврши брзо, бидејќи имам доста компјутери, но и пријавени на список за донации,“ додава тој.

Вели дека тој недостаток од 3.000 компјутери лесно се решава, бидејќи секоја институција има стари компјутери кои може да бидат оспособени за работа.

„Не мора да бидат нови компјутери. Сите институции, посебно школите во Македонија, сите во подрумите имаат опрема што не ја користат, а книговодствено не можат да ја отпишат. Чекаат цената да им падне минимално за да не платат данок.

Има фирми кои таа опрема не можат да ја отстранат поради законска пречка, која може лесно да се смени. Знаат по брза постапка да донесат за патни трошоци, а за ова не сакаат. Проблемот со недостаток на компјутери на семејствата може да се реши со ич пари,“ додава Стаменов.

Тој смета дека донациите не треба да се очекуваат само од „Донирај компјутер“, бидејќи во секој град има компјутерски фирми, кои може да средуваат минимум по еден дневно.

„Ако имаш 3.000 семејства не ти требаат ни 300.000 евра за да ги обезбедиш со компјутери. Во „Донирај компјутер“ не сме потрошиле ниту еден денар. Во фирмите, сигурно дека сите не работат осум часа ефективни. Работат три часа ефективно. Секоја фирма во Македонија да среди по еден компјутер, сите што немаат ќе добијат,“ додава Борче.

Во однос на испораката на компјутерите кои ги поправа, соработува со компанијата „Еко логистик“, која бесплатно со карго ги носи до нивните домови.

Борче вели дека со акцијата ќе продолжи се додека има потреба за донирање, и таа засега има добро реноме.

Оние кои се пријавуваат за донации, потребно е да приложат потврди дека се социјално загрозено семејство или пак дека навистина станува збор за дечиња кои се со посебни потреби.

Освен донации од физички лица, Борче е задоволен од донациите на компјутери од страна на компаниите, па така доста фирми од Кавадарци и Скопје донирале компјутери.

„Една голема светска организација донираше 120 компјутери,“ додава тој.

За во иднина вели дека околу целата работа ќе му биде потребна и помош, бидејќи е сериозна обврска и одзема доста време.

Граѓаните на Кавадарци се горди на Борче, но во однос на одредени признанија „Донирај компјутер“ според нашиот соговорник како да не постои во градот.

„Ниту еден медиум во Кавадарци не објавил ништо за акцијата или пак споделил нешто. Има награда 7 септември која ја даваат за посебни услуги за личности кои го издигнале градот. Сум бил номиниран, но не и избран. Не е важно, не го правам ова за награди,“ додава тој.

Иако има и злобни коментари „каде се луѓето на кои им донираш“ тој вели дека тој не се фотографирам со нив, за да соберам срциња на Фејсбук.

„Ако сакаат тие да се фотографираат јас немам ништо против,“ додава нашиот соговорник.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Премиерот Оливер Спасовски негативен и на второто тестирање на корона вирусот

Редакција

Општините за новогодишно украсување потрошиле 615 илјади евра: Најголем дел од парите за една фирма

Редакција

Италија поддржува одвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ

Редакција