еМагазин
Image default
Македонија

Брисел да направи притисок врз Софија да го повлече ветото за старт на преговорите за членство, вели Мицкоски

Брисел без изговори треба да направи притисок врз Софија да го повлече ветото, бидејќи овој народ покажа многу пати во минатото дека има европски вредности и дека заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на спортски комплекс во Општина Бутел.

– Кај мене има оптимизам и за април и за мај и за јуни, и така се до декември и така следната година. Секогаш има оптимизам ако навистина Брисел сака Македонија да ги почне преговорите, истакна Мицкоски, запрашан дали е оптимист за старт на преговарачкиот процес на земјава со ЕУ во јуни.

Тој истакна дека опозицијата не знае за каков договор преговара Владата со Софија, додавајќи дека за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив и нема да почитува каков и да е договор со Бугарија што би предизвикал повреда на чувствата на македонскиот народ, би го негирал постоењето на посебната македонска историја, традиција и обичаи и доколку не ја одразува различноста на македонскиот од бугарскиот народ и автентичната борба на македонскиот народ за своја сопствена држава.

– Сето она кое ќе биде надвор од тоа што е предвидено согласно Резолуцијата која ја усвои македонското Собрание, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го почитува и тоа треба да им биде јасно и на Петков и на Радев, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека според информациите со кои располага, голем дел од земјите членки на ЕУ се противат на тоа билатерални прашања да бидат дел од преговарачката рамка, бидејќи на тој начин преговарачкиот процес ќе биде приказна без крај, односно секој секого може да блокира и процесот на проширување никогаш нема да стане реалност.

Прашан дали ВМРО-ДПМНЕ би прифатила од Уставот „да се тргне онаа формулација од 20 отсто“, Мицкоски истакна дека жали што се уште има политички лидери во 21-от век кои зборуваат низ призмата на проценти и квоти.

– Јас одбивам да зборам за проценти и квоти, а сакам да зборувам за квалитет, вештини знаења, бидејќи тоа е она кое што нас денеска може да не движи напред. Процентите и квотите мислам дека се потрошија и нема потреба да ги навредуваме немнозинските заедници во Република Македонија со тоа што ќе бидат дел од процентите и квотите, истакна Мицкоски.

Во врска со тврдењата дека врз синдикатите се врши притисок по најавените штрајкови и протести, Мицкоски рече дека за тоа слушнал од медиумите.

– Мојата порака до политичарите е да седат настрана од синдикалните здруженија. Политичарите треба да водат политика и да ја водат Македонија напред, а не да се мешаат во работата на синдикалните здруженија. Може да дадат поддршка или да изразат неподдршка кон овие синдикални организирања.

Нашиот став како политичка партија, а и мојот личен став е дека даваме недвосмислена поддршка кон синдикатот за манифестирање на револт и пркос за реализирање на сопствените права, додаде Мицкоски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Радев: Владата на Петков да не отстапува од бугарскиот национален интерес во однос на Северна Македонија

МИА/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Најмладото на 35-годишна возраст: Од Ковид-19 починаа 11 лица, дополнително пријавени уште 3

Редакција

Украина бара нова воена помош од Македонија

Редакција

Каде се нема да можете да влезете ако не сте вакциниран или не сте прележале Ковид-19

Редакција