Македонскиот копретседавач на заедничката историска комисија со Бугарија, Драги Георгиев во интервју за Топ тема на Телма откри дека македонските историчари на претпоследната средба на комисијата, предложиле двете земји заедно да го одбележуваат денот на Холокаустот.
Георгиев рече дека бугарските историчари го одбиле овој предлог, бидејќи не било време да се разгледува тој период од историјата.
-Беше речено дека кога ќе дојде време за тоа, ќе биде разгледувано. Ние сметаме дека заедничкото чествување на Холокаустот може многу да придонесе во подобрување на односите меѓу двете држави.
Еден таков гест од бугарска страна би значело многу за подобрување на односите и за порака до македонското општество дека за некои настани од минатото може многу искрено да се настапи, рече Георгиев.
Според него бугарските историчари во тој случај ќе мора да постапат спротивно на изјавите од официјална Софија кои се во насока на негирање на бугарското учество во депортацијата на македонските Евреи.
-Тоа е според мене акт кој неминовно мора да се случи доколку сакаме да бидеме искрени во меѓусебните односи. Бидејќи без такво соочување на Бугарија со тој настан, без разлика колку го покриваат тоа со спасување на бугарските Евреи, кое неминовно се случило, неприфаќањето на чинот кој овде се случил го засенува тој чин таму, рече Георгиев.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бугарите сакаат да се нагласи „потеклото“ на Охридската архиепископија, открива Ѓоргиев
Фото: МИА