еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Бугарската фирма од која ќе купуваме природен гас, добила лиценца на 15 септември годинава

Пред помалку од три месеци, на 15 септември годинава, „Балкан Јутилитис“, добила 10-годишна лиценца за трговија со природен гас од бугарската регулаторна комисија, а токму ова е компанијата што ЕСМ Продажба објави дека ја избрала за набавка на овој енергенс во земјава.

Како главна причина се наведува цената пониска за 23 евроценти од таа што ја понудил „Макпетрол“, но македонската компанија во соопштение истакна дека како резултат на движењето на светските берзи, нивната цена, доколку била формирана вчера, на 28 декември, би била пониска од таа на „Балкан Јутилитис“.

Притоа, компанијата што е избрана е, во најмала рака, дискутабилна. Регистрирана во 2003 година за да се занимава со „трговија со електроенергија, финансирање, инвестициско проектирање и експлоатација во сферата на енергетиката“, таа пет години подоцна се трансформира во акционерско друштво.

Според податоците на Регулаторната комисија на Бугарија, „Балкан Јутилитис“ за 2019 пријавило загуба од 98.012 евра, добивка од 118.432 евра во 2020 и загуба од 33.691 евра за 2021 година.

Приходите пред три години ѝ биле 127.110 евра, додека во 2021 година се намалиле на 53.600 евра.

Десетгодишната лиценца за трговија со природен гас ја добива дури на 15 септември годинава, а бугарскиот регулатор ја дефинира како микропретпријатие.

Јавно достапните информации на порталот Yox откриваат дека во сопственичката структура на компанијата учествуваат бугарските државјани Тони Стефанов Баев и Максим Жеков Димов, како и Савас Агапио од Грција.

Името на Баев е наведено во напис на порталот Energy Press од 2017 година, како претставник на „Виндоус интернешнл“, компанија која што е вброена во регистарот на транспарентност на Европската Унија. Истражувањето на медиумот открива дека зад оваа фирма стои рускиот олигарх Александар Лебедев.

Интересно е што во решението на бугарската регулаторна комисија, во делот каде што е презентиран бизнис-планот, се споменува и електраната ТЕ-ТО од Скопје, како корисник на гасот што ќе го продава „Балкан Јутилитис“.

Во истиот документ се наведува дека ТЕ-ТО е во сопственост на компанијата „Синтез грин енерџи“ од Кипар, која што, пак, е поврзана со главниот акционер во „Балкан Јутилитис“

Името на второто од трите лица наведени како сопственици на оваа бугарска компанија, Максим Жеков Димов, е споменато во текстот со наслов „Венецуелска пералница“, а објавен од портал којшто се занимава со истражувачко новинарство.

Меѓудругото, Димов бил вклучен во структурата на компанијата „Руснефтехим“ која што продавала нафта увезена од рускиот пазар и која што припаѓала на поголем руски конзорциум.

На крајот се поставува и прашањето од која причина е избрана токму бугарската фирма и зошто таа се фаворизира да испорачува гас во следните четири месеци, а притоа не се остава простор и други компании на месечно ниво да ѝ конкурираат со свои понуди, сè со цел гасот да биде набавен на финансиски поисплатлив начин.

Токму државното енергетско претпријатие нагласуваше дека набавува гас за пократки периоди за да добие што поповолни понуди, а сега го смени принципот и избра една фирма да доставува гас за следните четири месеци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бугарска микрокомпанија со “контроверзeн“ директор ќе ја снабдува Македонија со гас, објави телевизијата Сител

ЕСМ Продажба ќе набавува гас за топланите и другите потрошувачи од бугарската фирма Balkan Utilities

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ТТК Банка со зголемена добивка во првите шест месеци

Редакција

Државниот девизен инспекторат вработува, плата до 22.020 денари

Редакција

Каков имот пријавил пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, од кого зависи дали ќе има „уривање“ на Владата

Редакција