еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Се тргаат барикадите на граничните премини во Косово, Србија ја укина состојбата на зголемена борбена готовност

Барикадата на Мердаре од правец на централна Србија е отстранета и сообраќајот е повторно воспоставен, јави денеска РТС.

Како што се наведува, таа барикада била поставена на оддалеченост од околу еден километар од царинскиот пункт.

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа по средбата со претставниците на Србите од Косово изјави дека е донесена одлука за отстранување на барикадите.

„Дали за 24 или за 48 часа – барикадите ќе се отстранат, но недовербата не е отстранета.

Тие што мислат дека можат да си играат со животите на Србите и нивниот опстанок, тие треба да знаат дека, како што до сега не сме дозволиле сите заедно, нема да дозволиме ниту во иднина,“ потенцираше синоќа Вучиќ.

Инаку Србија ја укина состојбата на зголемена борбена готовност во вооружените сили, со одлука на Вучиќ.

Борбената готовност беше прогласена на 26 декември поради ситуацијата на северот на Косово. Тогаш Вучиќ како врховен командант на српските вооружени сили нареди војската и сите единици на МВР да бидат на највисоко ниво на борбена готовност.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изрази „голема благодарност до претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Србите од Косово и Метохија“ што, како што наведе, „нашле сила да одговорат на бруталниот терор и агресија со речиси безгранично трпение, посветеност на мирот, мудрата политика и дијалог со сите оние кои на кој било начин можеле да придонесат за зачувување на мирот“.

„За жал, верувам дека тука не е крајот на провокациите на Курти, но се надевам и верувам дека меѓународната заедница ќе се погрижи постигнатите договори во последните 24 часа да се почитуваат за да се зачува овој момент на мир и стабилност, како би се свртиле кон исполнување на Бриселскиот договор,“ напиша таа на Твитер.

Брнабиќ им се заблагодари и на меѓународните партнери кои помогнаа да се зачува мирот.

Специјалниот претставник и шеф на мисијата на Обединетите нации на Косово (УНМИК), Каролин Зијаде ги поздрави сите мерки за смирување на тензиите на северот на Косово, вклучително и отстранувањето на барикадите.

Таа оддаде признание на макотрпните напори на сите страни, вклучително и меѓународните партнери, да се осигура безбедноста на населението на Косово во сите заедници.

Зијаде ја истакна важноста од почитување на обврските и продолжување на разговорите со цел целосно решавање на отворените прашања и нормализирање на односите без одлагање, се наведува во соопштението на УНМИК.

Се очекува денеска отстранување на барикадите и на северот на Косово.

Во текот на ноќта биле опожарени два камиони кои биле поставени на мостот кај Дудиниот крш како блокада на патот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Поради тензиите на Косово, Србија ја подигна на највисок степен борбената готовност на војската и полицијата

МИА/Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Каков имот пријавил Никола Јанкуловски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Редакција

Драстичен раст на преставките за дискриминација од етнички Бугари

Редакција

(Фото) Џибони фантастичен во Скопје – концерт кој долго ќе се памети

Редакција