еМагазин
Image default
Бизнис

ЦЕФТА од денеска почнува да применува пофлексибилни и модерни правила за потеклото на стоките

Членките на ЦЕФТА од денеска започнуваат со примена на преодните правила за преференцијално потекло на стоките, заедно со правилата на Пан-евро-медитеранската (ПЕМ) конвенција со цел подобрување на извозната конкурентност.

-Додека се чека на ревизијата на ПЕМ конвенцијата, повеќето договорни страни, вклучително и ЦЕФТА страните, ЕУ и ЕФТА, одлучија да им дозволат на компаниите да ги користат модернизираните и поедноставените правила за потекло и започнаа со примена на преодните правила на билатерална основа, велат од ЦЕФТА.

Новите правила, посочуваат, се пофлексибилни со цел да се намали административното оптоварување и со тоа да се поедностави трговијата, да се обезбедат повеќе можности и да им се овозможи на компаниите да станат поконкурентни на другите пазари.

-Правилата стапија на сила на 1 февруари 2023 година, откако сите членки на ЦЕФТА ги финализираа своите интерни процедури. Со примена на ревидираните, пофлексибилни и модерни правила, страните ќе можат да ја зголемат својата извозна конкурентност.

Преодните правила за потеклото на стоките го поедноставуваат системот, го поедноставуваат определувањето на потеклото на стоките и дополнително ја олеснуваат трговијата во ЦЕФТА и со ЕУ, објасни директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ.

ПЕМ конвенцијата е меѓународен договор кој има за цел да воспостави единствен сет на правила за потеклото на стоката. Во 2013 година, договорните страни на ПЕМ започнаа дискусија за ревизија на Конвенцијата, со цел да се прилагоди на економската реалност.

Бидејќи усвојувањето на ревидираната конвенција не успеа во 2019 година, повеќето договорни страни одлучија однапред да ги применат ревидираните правила. Во моментов, паралелно ќе се применуваат два групи правила, оригиналните правила за потекло на ПЕМ и преодните правила, а економските оператори ќе можат да избираат помеѓу важечките правила.

Новиот чекор што го презема ЦЕФТА кон олеснување на трговијата се фокусира на намалување на административната бирократија и зголемување на обемот на трговијата.

Новите правила, како што велат од ЦЕФТА, обезбедуваат пофлексибилни и поедноставни правила на производот, пофлексибилни правила за толеранција- зголемување на учеството на непреференцијалните материјали во готови производи од 10 отсто на 15 отсто по нето маса за земјоделски производи, додека за индустриските производи (освен текстил) толеранцијата е поставена на 15 отсто од материјали без потекло врз основа на екс-работна цена на финалниот производ.

Со новите правила EUR.1 или декларацијата за потекло ќе важи како единствен тип на доказ за потекло и неговиот рок на важност е продолжен од четири на 10 месеци. Постојат и опции за договори за примена на системот на регистрирани извозници и договори за употреба на доказ за потекло издаден и/или доставен по електронски пат.

-Можностите за повлекување на давачките и целосна кумулација како придобивки од преодните правила се имплементирани во ЦЕФТА од 2019 година, прецизираат од ЦЕФТА.

Македонија е членка на ЦЕФТА од 2006 година.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Удвоен прометот на Македонската берза

Редакција

Македонската економија годинава со раст од 2%, а следната 3%, предвидува ЕБОР

Редакција

Општина Липково склучи договор со Мурана компани вреден 434,1 илјади евра

Редакција