еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Цела програма: Утре почнува седмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје

Седмиот Медиумски фестивал Скопје ја вперува камерата кон корупцијата и улогата на медиумите во вечната антикорупциска борба.

Како и секоја година, содржините и на ова фестивалско издание закажано од 21 до 23 ноември, се бесплатни.

Трите фестивалски дена носат интересни дискусии, но и богата филмска програма почнувајќи со македонската премиера на наградуваниот филм „Лекциите на Блага“, кој ќе се прикажува на 21. ноември во Кинотеката во Скопје. Во оваа морничава и напната драма пензионираната професорка Блага станува жртва на телефонска измама заради која останува без животната заштеда, по што добива примамлива, но сомнителна понуда за работа.

Фестивалското отворање во вторник, каде новинари од Македонија и соседството ќе разговараат за (не)моќта на медиумите да се справат со корупцијата како сеприсутен феномен, ќе се одржи во Кинотека, а следните два дена Медиумскиот фестивал Скопје се сели во просториите на Котур кафе.

Вториот фестивалски ден започнува со претставување на хрватскиот новинарски фестивал „Медиуми во времето“ (Media in Time) кој се одржува во Винковци. А по дискусијата за предизвиците на младите новинари во денешната медиумска средина кај нас, ќе се прикажат и два кратки документарни филма потпишани од учесници во Програмата за млади новинари на ПИНА.

Во четврток пак, учеснички од Програмата за жени новинарки на ПИНА ќе дискутираат за работата и резултатите од ваквото вмрежување, како и за предизвиците со кои се соочуваат новинарките кај нас.

Медиумскиот фестивал Скопје, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, традиционално нуди и работилници за активни и надежни новинари, годинава посветени на мобилното новинарство и т.н. дата новинарство засновано на анализа на податоци и статистики.

Филмскиот избор на Медиумскиот фестивал Скопје нуди исклучително квалитетни документарни остварувања кои нудат увид во повеќеслојноста на новинарската задача.

На 22. ноември во Котур ќе се прикажуваат „Пластично фантастично“, што истовремено е и темелно истражен приказ на загадувањето со пластика, а и топол филм за човековите судбини и надежи под товарот на микропластиката, и „Под затруено небо“ каде го гледаме небото над Ирак проголтано од токсични пламени поради интересите на големите нафтени компании.

Вториот фестивалски ден го затвора „Седум зими во Техеран“ за трогателната судбина на Рејхане Џабари, млада девојка од Иран, но и крикот за правда за жените во Иран и ширум светот.

Знаењето сè уште е моќ, но како што откриваат филмовите закажани за фестивалското затворање, уште помоќен е пристапот до податоци. На 23 ноември во Котур ќе се прикажуваат „Целосна доверба“ за сè понадгледуваното кинеско општество и „Фантомски папагал“ кој ќе навлезе во темата за личните податоци од телефоните и компјутерите на „сомнителните“ граѓани.

Целосната програма за седмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје може да се погледне на веб страната www.mfs.mk.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Акционерите и вработените ќе добијат дел од 21-милионската добивка на Макпетрол

Редакција

(Видео) Водици во Скопје: Како изгледаше фрлањето на крстот

Редакција

Пендаровски го прими известувањето за оставката на Заев

Редакција