еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

ЦГК: Најмалку информации министерствата и општините објавуваат за финансиите

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави анализата од редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини.

Анализата покажува дека просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2023 година изнесува 76 % (од максимално можни 100 %) и во однос на лани е подобрена само за 3 процентни поени (од 73 % на 76 %).

Својата активна транспарентност годинава ја подобриле 54 % од институциите, за разлика од лани кога се подобриле 81 % од институциите.

Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86 %, а на општините 74 %. За разлика од лани, министерствата се подобриле за нецел процентен поен, а општините за 4.

Како и лани и годинава, само две институции, Министерството за одбрана и Владата, имаат по максимални 100 %, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност.

Две општини, Велес и Гевгелија, се наоѓаат на третата позиција, со високи 99 % исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност.

Меѓу регионите, на првото место изби Источниот Регион (со 83 % активна транспарентност), додека на последно место останува Скопскиот Регион (со 66 % активна транспарентност).

Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите (општините само 57 % од можни 100 %, а министерствата 62 % од можни 100 %).

Се влошува состојбата со одговорите на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им биле испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање.

Општините одговориле во просек за 16 дена (лани за 12 дена), а министерствата одговориле за 19 дена (лани за 16 дена). Само 65 % од институциите одговориле во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сториле 93% од институциите).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Владата без коментар за пресот на пратеникот Ејуп Алими на кој говореше само на албански јазик

Редакција

„БМЈ груп“, Меѓународен сојуз и „Томато продукција“ затаиле данок повеќе од 20 милиони денари

Редакција

Судот во Москва го прогласи опозицискиот лидер Алексеј Навални за виновен за измама „од особено големи размери“

Редакција