еМагазин
Image default
На кафе во Кантина

Чадиковски: Нека ми каже некој, кој проект е поважен од третман на 120 бебиња годишно, ќе почекам за Клиника за детска кардиохирургија

Детскиот хирург и кардиохирург, Владимир Чадиковски до крајот на годината, заедно со тимот, ќе ја изведе 300-та операција на срце на деца. За овие пет години, колку што детската кардиохирургија се изведува во Македонија, државата заштедила 4,5 милиони евра, бидејќи не праќа деца за операции во Бугарија, каде што се одлеваа по еден милион евра годишно.

За два месеци тој треба да ја земе субспецијализацијата и официјално со диплома, ќе биде првиот детски кардиохирург во Макeдонија. Во истовреме, ги држи и првите предавања по детска кардиохирургија на Медицински факултет и медицинска етика за трансплантации на постдипломци по Кривично право на Правен факултет.

Паралелно, со кардиохируршки операции (70-80), оперира и околу 180 операции по детска хирургија годишно.

После пет години, она што го бара е, да се формира институција Клиника за детска кардиохирургија и да добие инфраструктурно решение на овој проблем, бидејќи сега функционираат како клиника во клиника на Детска хирургија.

„Детска кардиохирургијата бара тимска работа на голем број на различни специјалности. Формиравме тим од 25 луѓе кои се позади мене и за нив најмногу се борам за да ги вдомам. Јас можам да се спакувам и да си отидам. Но, жалосно е бидејќи тоа е најдоброто што го има државата за оваа работа, сите се специјалисти од областа.

На Детска хирургија немаме проблем, тоа е мојот втор дом, но инфраструктурно мораме да се вдомиме некаде, односно да добиеме Клиника за детска кардиохирургија. Ако не го добијам тоа, невозможно е да профункционира целата работа, бидејќи се е во форма на проект на Министерство за здравство и во овој момент, многу работи зависат од мене. Не дај Боже да се разболам, застанува се. Кога ќе направиш институција, тогаш е полесно“, објаснува Чадиковски.

Тој даде пример со Театарот за деца и младинци, каде што, неговиот татко Љубомир Чадиковски, беше долги години прв човек на оваа успешна институција.

„Тој  можеше да го приватизира, но не го направи тоа, туку направи национален театар. На пример имате еден добар директор, тој ќе отиде во пензија. Можеби следните петмина ќе ја уништуваат институцијата, но шестиот пак ќе се погоди добар и ќе го подигне. Не може да згасне.Тоа е идејата што сакам да ја направам и со Клиниката, формална институција се чува сама со себе, а да не зависи од еден поединец“, објаснува Чадиковски.

За овој проект, кој што е од огромно значење за државата, веќе е зборувано со авторитети од новата власт, од кои, добиени се позитивни сигнали.

„Вака на овој начин е неодржливо и се мачиме веќе пет години. Децата се прегледуваат на кардиологија, па на педијатрија, па се префрлаат кај нас, па од тука катетеризација во „Аџибадем Систина“ па се враќаат назад. Тоа е шетање. Премногу енергија губиме, за да се организира сето тоа и да нема проблеми, како и до сега, но троши премногу време. Немаме веќе сила. Не би сакал да бидам принуден да се откажам од проектот и да го растурам тимот во кој сите премногу вложивме и да си ја бараме среќата низ светот.

Нас ни треба само инфраструктура, дел од опремата со која работиме само ќе ја трансферираме во новите простории и потребно е да го мултиплицираме тимот“, вели тој.

Запрепастувачка статистика

Во насока на очајната потреба од институција за детска кардиохирургија, Чадиковски сподели и одредени запрепастувачки податоци за смртноста на бебиња со срцеви маани.

„Професорката на патологија Дуганова има направено докторат за срцеви маани кај децата. Во него се вели дека од 1995 до 2005 година умреле 215 деца со срцеви маани. Зборуваме за период кога децата се праќани во Бугарија. Тие деца починале и не добиле шанса за операција, ако сите имале право на тоа. Годишно, тоа се од 15 до 20 деца“, вели Чадиковски.

Тој исто така кажа дека во Македонија се прават околу 30 до 40 фетоциди со срцеви маани (умртвување на плод со високи дози на калиум). Во повеќето европски земји, меѓу ретките индикации  за прекин на бременост е хипопластично лево срце, кои по инциденца во Македонија би требало да се околу 3-4 деца.

„Ако детето има срцева маана, плодот кој се наоѓа од 25 до 35 гестациска недела се умртвува поради тоа. Станува збор за бројка од 30 до 40 бебиња годишно.Тоа се катастрофални резултати во една држава. Ние отприлика оперираме 70-80 годишно, а треба да имаме 120 според генетика. Тие 40 ни фалат, бидејќи се прави фетоцид. Либерален сум по однос на прашање за абортус, но е катастрофално да се умртви бебе од 35 гестациска недела, кое нема никаков друг проблем освен срцева маана. А, 95 отсто од опциите се дека детето можеме да го спасиме и постои  шанси за погрешна дијагноза додека бебето е во стомак.

Уште еден податок, секое предвремено родено бебе има канал кој не е затворен и кој носи повеќе крв во белите дробови. Ако детето е на вентилатор, веројатноста да го извадите од  машина е многу мала, и детето најчесто умира од компликации. Примарно, мора прво да се направи ехо на срце и да се започне со конзервативен третман, дека сите го имаат. Ако не затвори медикаментозно, тогаш треба хируршки да се реши. Кај нас за 5 години не сме затвориле ниеден дуктус хируршки и тие деца веројатно се умрени. Прашање е дали се тоа се прави кај нас, а изворно знам дека ниеден дуктус не е затворен хируршки за последните 5 години“, вели Чадиковски.

Зошто паѓа здравството?

Кардиохирургијата,  како што вели, е кралица на медицината, а Чадиковски си го поставува прашањето, зошто 30 години во Македонија нема детска кардиохирургија.

„Дека никој не сака да си го комплицира животот. Бев веќе афирмиран детски хирург. Иако во ниеден момент не се каам дека навлегов во оваа специјалност и ја работам со најголема желба и жар, пред се, да им помогнам на овие деца со срцеви мани. Иако работиме повеќе од 5 години и направени се скоро 300 операции на отворено срце со помош на искусни странски тимови, цело време сме изложени на притисоци од секаков вид, да се потпишуваат конзилијарни мислења за лекување во странство, што директно ги поништува резултатите што ги постигна домашниот тим. Тоа го девалвира и демотивира тимот да продолжи мотивирачки понатаму во третманот на овие деца.

Навистина е потребно да се зголеми довербата и поддршката во тоа што го работиме, заедно со искусниот странски тим. По таа логика, секоја трудница запознаена со перинаталната смртност во РМ, треба да бара конзилијарно за пораѓање во странство“, вели Чадиковски.

Тој објаснува  дека доколку е директор на Гинекологија, ако има 20 инкубатори, 21 нема да го прима, зашто огромен е ризикот бебето да почине.

На прашањето, зошто здравството е такво какво што е, Чадиковски вели, математиката е проста.

„Ако имаш 10 доктори на клиника, 30 проценти или тројца од нив се доктори кои се едуцирале надвор.  Покрај тие тројца, другите седуммина ги учат основните работи. Но кога ќе биде густо, овие тројца секогаш вадат ситуација. Сега од тие тројца, двајца се заминати од Клиника. Останува еден кој е фрустриран, нервозен, исто е платен со другите и автоматски имаш колапс на системот. Ова се мисли процентуално“, додава тој.

Пет години никој не го повикал како член на Национално тело за трансплантација

Чадиковски беше вклучен во Националното тело за трансплантација, но за овие пет години не бил повикан од никого. Во Фондацијата за трансплантација, напишале две книги, од кои едната ја објавиле во Германија,  го напишаа законот и 250 подзаконски акти.

„Од моментот кога се избра национален координатор, ние ја затворивме фондацијата бидејќи сметавме дека државата ја превзема работата и дека функцијата на Фондацијата е завршена. Одржавме седум симпозиуми со по 400 гости, имавме кампањи, на две седници на влада бевме да го презентираме законот. За трансплантацијата толку многу се знае, се е веќе ставено на хратија, непотребно е повеќе да се држат дебати.

Ги гледам сите емисии поврзани со трансплантации, никогаш за овие години не се кажува дека на Детска хирургија се прават трансплантации на бубрези кај деца од страна на др.Симеонов и дека направивме трансплантација на црн дроб кај бебе кое беше 4 килограми телесна тежина и искрено се чудев со која цел се прави тоа“, вели Чадиковски

Според него, Националниот координатор за трансплантација мора да биде професионално вработено лице кое само со тоа ќе се занимава, бидејќи има многу работа.

„Се додека се избира национален координатор кој има друга матична работа, не возможно е да се успее. Тој треба 24/7 да работи и за тоа да биде добро платен и целиот тим кој работи “, вели Чадиковски.

Наместо поента

Половина од специјализацијата, Чадиковски ја поминал надвор од државата. И како што обично бидува, ако некој се едуцира надвор, веројатноста да се врати во Македонија е многу мала.

Според него, затоа, концептот на едукатори и ексепрти од странство да доаѓаат во Македонија и тука да го обучуваат нашиот персонал е повеќекратно исплатлив, пред се заради можноста поголем дел од здравствениот персонал може истовремено да се едуцира.

„Ако се покажеш дека си добар, приказната завршува тука. Поентата е дека 20 години едуциран човек, друга држава го добива за без пари. Нешто во тој аспект мора да се промени бидејќи повторно ќе има одлив на кадар.

Наједноставно на државата е да ги праќа пациентите во друг центар, ќе плати еден милон евра годишно и не ги има веќе како проблем. Но, ако немаш национална стратегија, јас тогаш би донел новинари од „Би-би-си“, судии од Хаг, полиција од Скотлад Јард, кошаркари од НБА, но како што знам не се викаме Кувајт и немаме нафта, така што мораме да го искористиме потенцијалот во нашата држава“, вели Чадиковски.

ПС

Разговорот со Чадиковски ме потсети на една книга што последно ја читав од Фредерик Бегбеде, „Француски роман“. На глас се смеев на одредени забелешки од авторот, а во следната реченица ми доаѓаше да плачам. Така и со Чадиковски, се смеев на неговите досетливи коментари, а ми се плачеше од фактот што постои реална шанса ваков кадар да изгубиме заради 500 метри квадратни простор.

Фото: Different Photography

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Коста Костадиновски: Да не работев со инвестиции, ќе работев нешто поврзано со спортот

Силвана Жежова

Камнар: Разликата помеѓу добар и одличен хирург е во човекот во него

Силвана Жежова

Коробкина: Во Русија се преселив без да го знам јазикот, но успеав да изградам препознатлив личен бренд

Силвана Жежова