еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Д-р Олумчев објаснува кој имунитет е подобар, природниот со прележан ковид или тој со вакцина

Д-р Сашко Олумчев, специјалист по епидемиологија – ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес ПЕ Гевгелија за емисијата „Трилинг“, која се емитува на ТВ 24, вели дека се покажа дека вакцините против Ковид-19 се ефикасни во спречувањето на заразување со вирусот, особено неговите тешки форми со што се намалува потребата од болничко лекување и се превенира смртниот исход на пациентите со потешка клиничка слика.

-Вакцините, исто така, ја намалуваат инциденцата на пост-ковид синдромот што може да се развие дури и поблага до умерена форма на болеста Ковид-19. И тоа е дефинитивно точно и проверено, барем во мојата пракса од почетокот на пандемијата, вели тој.

На прашањето кој имунитет е подобар и поквалитетен – природниот кој се добива со прележување на болеста или вештачкиот стимулиран по пат на вакцинација, вели:

“Да, природниот е поквалитетен и веројатно подолготраен, но според мене комбинацијата од двете опции би била најдобра. Прележаните пациенти да си го дооформат природно стекнатиот имунитет со целосна имунизација со што процесот на формирање на квалитетен одбранбен систем на индивидуата би бил во потполност заокружен!

Затоа владината мерка „имунитет по прележување од 45 дена“ е ниту имунолошки, ниту епидемиолошки издржана. Во најлош случај прележаните треба да имаат имунитет, ако не подобар и подолготраен од поствакциналниот, барем еднаков на него.

Но, сепак првентивните мерки како што се носењето маска и држењето на социјална и физичка дистанца се основа на спречувањето на ширењето на вирусот. Сликата на лажна сиурност по вакцинирењето доведе до ситуацијата во која сме сега.

Не само ние, но и сите европски земји се соочија со проблемот на пораст на бројот на новозаразени помеѓу прележаните и помеѓу вакцинираните. Токму тоа е резултат на недоволната здравствена едукација на населението дека секој прележан може повторно да се зарази и секој вакциниран може повторно да се зарази. Да, но со многу полесни симптоми кои во поголемиот дел од случаите се незабележливи.

Поради тоа и поради лажната слика на безбедност поради претходно прележаната болест или комплетна вакцинација никој не сака да носи маска или да држи дистанца. И ни се случува да во еден момент имаме една критична маса на асимптоматски вирусоносители без маски кои непречено го шират вирусот низ неимуна популација, која е приемчива за истиот, особено во затворени простори.

За кратко време ќе имаме експоненцијален раст на бројот на новозаразени, особено сега кога настапува зимскиот период и се поголем број на луѓе ќе престојуваат во затворени простори.

И затоа претпочитам да сите ние здравствени работници поработиме на подигнување на нивото на здравствената свест кај граѓаните по пат на анимирање и едуцирање на истите за процесите на вакцинација и бенефитите од вакцините, за квалитетот на истите и начинот на кој делуваат врз самиот организам.

Кога повеќе авторитети од здравствениот систем би се вклучиле во овој процес, мислам дека многу непознаници и недоречености ќе бидат разјаснети и масовната, т.н. збунетост на граѓаните ќе исчезне. Само така ќе се врати довербата на граѓаните во здравствениот систем.

Само на тој начин граѓаните ќе разберат дека здравствените работници им го мислат само најдоброто и дека истите се чувари на нивното здравје. Но, треба и граѓаните да увидат дека тие се самите одговорни за сопственото здравје, но и за колективното здравје како уставна обврска која ја имаме сите.

Кога ќе го разбереме тоа и кога одговорноста ќе ја перцепираме како обврска кон себе, нашите најблиски и кон сите граѓани, тогаш нема да има потреба од фалсификување на сертификати за докажување на вакциналниот статус.

Носете маска и држете растојание, тоа е докажано најдобриот и најбезбедниот начин за спречување на ширењето на вирусот. Иако сте прележани и вакцинирани! Колку побрзо се осознаеме, толку побрзо ќе се справиме со пандемијата!

А здравствените работници со сопствен пример треба да ги охрабрат граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки и да им ги објаснат придобивките од вакцинацијата. Тоа е докажана мерка со децении наназад и дефинитивно функционира.

Промовирајте ја со објаснување, а не со присила и сите ќе бидете пријатно изненадени од резултатот.

Граѓаните се збунети како резултат на пренатрупаност со нерелевантни информации. Затоа ние сме тука да им објасниме и да им помогнеме во изборот на тоа што е најдобро за нив. А тоа ќе го направиме само со позитивна кампања базирана на докази и научни факти и поддржана од сите здравствени работници, без исклучок!“, вели тој.

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пациент со тешка срцева болест доби срце од починат донор

Редакција

Професор Трајковски: Невакцинираните имаат за 7,7 пати поголеми шанси да умрат од Ковид-19 од вакцинираните

Редакција

Македонец во Франција: Од дома излегуваме со лист на кој стои причината зошто мораме надвор

Редакција