Несудениот кошаркар Д-р Жарко Костиќ, кој сега работи како мотивациски говорник и тренер за личен развој, нетипична професија за кај нас, но многу популарна на Запад, во интервју за еМагазин зборува за тоа колку е важно да им помогаме на другите, за самомотивација, личниот развој…
Дел од вашето школување го имате поминато во САД, дали од таму Ви дојде идејата или инспирацијата да бидете мотивациски говорник?
На мои 16 години заминав во САД каде завршив трета и четврта година од моето средно образование. Јас пред се заминав во САД да играм кошарка, но поради честите повреди на колената не успеав да продолжам во тој правец иако кошарката беше и е мојата најголема љубов.
Но, токму таму имав можност да присуствувам на различни мотивациски собири. Еден ден, во нашето средно училиште се одржа предавање, на кое еден човек зборуваше за штетните влијанија на дрогите врз него и како му го имаат уништено животот нему и на неговите блиски.
До ден денес се сеќавам на тој настан. Иако никогаш немав пробано дрога, ниту пак сум имал таква намера, сепак тој настан имаше влијание во мојот понатамошен живот и способноста да донесам исправна одлука.
Мислам дека еден настан, едно предавање, една прочитана книга или една емисија можат да допринесат многу за човек да се смени на подобро и да направи исправни одлуки.
Но, еден од подобрите мотиватори беше и мојот тренер, кој знаеше како да допре до играчите за да го дадеме најдоброто од нас.
Во суштина мислам дека околината може да ви даде или одземе енергија. Секако дека можеме и треба да работиме на самомотивација, но неможе да се занемари влијанието кое околината го има врз нас и нашите емоции. Одбирање на добар тим, добри колеги, пријатели и сопружници кои меѓусебно се мотивираат е клучот за успех.
Дојдов до интересна информација дека сте биле првенец на генерацијата на Медицинскиот факултет со просек од 9.7, но, сепак сте одлучиле да работите во полето кое можеби и е поврзано со медицината, но сепак не директно.
Медицината е преубава наука, а телото феномен кој само „природата“ можела да го смисли. Мојата мотивација за медицината, како и во основа на секој доктор е желбата да се помогне и поради тоа ја сметам за многу благородна гранка.
Зборот доктор потекнува од латинскиот збор docere, што значи да подучуваш и е фактички некој кој пренесува знаење. Јас не работам како доктор, тоа е точно, но сепак основата на тоа што го работам е да им помагам на луѓето и да им пренесувам знаење како самите да си помогнат.
Самата медицина вели дека најголем број од болестите потекнуваат од умот (психо соматски) или болести кои не потекнуваат од телото, туку се предизвикани од психата или стресот. Така почнав да читам и да се интересирам во таа област.
Но, телото или медицината може да ви даде многу податоци за животот. Доколку знаеме дека телото е комуникациски систем и дека кога нема добра комуникација помеѓу органите или пак еден хормон е во дисбаланс, настануваат проблеми во телото.
Така можеме да изведеме заклучок за важноста на добрата комуникацијата и во животот генерално.
Ако телото го земеме како еден совршен тим, каде еден орган тешко функционира без другиот и колку работата на еден орган влијае на другите органи и на целото тело, ќе ја сватиме важноста на добриот тим, на колективот, на фамилијарните односи, на емоционалните влијанија кои околината ги има на нас како единки, но и како ние влијаеме на околината.
Психата или умот е над материјата, психата влијае на телото и обратно, затоа е многу важно да се работи и на менталното и физичкото здравје.
Која е вашата цел како мотивациски говорник или како тренер за личен развој?
Јас работам индивидуално со луѓе, но и со компании и спортски клубови. Кога работам индивидуално со луѓето целите се поврзани со конкретната индивидуа. Можеби станува збор за проблеми со самодовербата и комуникацијата, па работиме на тоа да ги изолираме причините за таа состојба, кои вообичаено се лични.
Кога работам со компании сакам да ги мотивирам да бидат по продуктивни, да се подобри комуникацијата во колективот, да се стекнат со знаење за тоа како работата да ја гледаат како игра, како да уживаат во работните активности и животот генерално.
Мотивацијата во основа зависи од целите, и секако еден од клучните работи поврзани со тимот е да се воспостави координација помеѓу целите на менаџментот и на останатите.
Многу ретко вработените во пониските нивоа ги знаат целите на компанијата кои се дефинирани од менаџментот. Ако контролниот центар на телото, не најде начин како да ги пренесе и искомуницира целите на останатите органи, телото нема да функционира како една целина.
Така е и со компаниите и со фамилиите. Поради тоа во компаниите има состаноци, работилници или тим билдинг сесии и слично, а во фамилиите дневни, неделни ручеци, семејни дружења, се со цел да се координираме каде одиме.
Очигледна е вашата љубов кон филозофијата, која филозофска идеја ве мотивира во животот?
Зборот филозофија значи љубов кон мудроста, но во основа е изолирање на вистинските причини за разните животни феномени. Дадени работи се случуват поради нешто.
Ако ги откриете вистинските причинители може да го решите проблемите во спротивно ќе талкате во темните ходници на неукоста и конфузната апатија и ќе се потпирате на среќа која треба да Ве протурка низ животот.
Мојата цел е постојано да ги откривам тајните на животот, и да им пренесам знаење на луѓето кое би им помогнало да ги решат своите проблеми.
Во колку имате еден совет да им го дадете на нашите читатели од сите мудрости кои ги имате насобрано што би било тоа?
Помагајте им на другите. Во текот на животот знаеме да се разочараме на темата помош. Сме помогнале, ама тоа не било примено најдобро или пак сме побарале помош, ама не сме ја добиле или не предале блиските под превезот дека еве ни помагаат, итн.
Главната цел во животот е да помогнеме. Дали преку работното место, дали во улогата на сопруг или сопруга, родител, пријател итн. За тоа постоиме! Да даваме максимум од нас во различните улоги кои ги имаме во животот.
Враќање на желбата за меѓусебна помош е основа на сите филозофии и само по себе ќе ни даде свет и општество со највисоки идеали.