еМагазин
Image default
Македонија

Далеку сме од владеење на правото, порача одбраната на обвинетите за „Монструм“ и најави жалби

Кога беше изречена првата пресуда по овој предмет, кажав дека сме далеку од владеење на правото, сега слободно можам да кажам дека сме уште подалеку и очигледно дека и во Судот и во Обвинителството треба едно добро прочистување, изјави по објавување на пресудата за случајот „Монструм“ адвокатот Насер Рауфи, еден од бранителите на обвинетите.

Одбраната најави жалби по пресудата и по мерките притвор, и порача дека се убедени дека на крај ќе докажат дека обвинетите не се сторители на овој, како што рекоа, грозоморен чин.

Пресудата, оцени Рауфи се донесе без никакви докази и без да се обрне внимание на одлуката на највиоскиот наш суд – Врховниот суд.

– Врховниот суд беше таксативен и кажа дека воопшто нема докази дека ова се сторителите, а и покрај тоа видовте дека со наводно прецизирање на обвинение, каква неправда се направи. Одиме понатаму и како одбрана сме сигурни дека ќе стигнеме до правдата, изјави Рауфи.

Адвокатот Асмир Алиспахиќ, како бранител на неправосилно осудениот Хаки Азири, рече дека јавните обвинители со овој предмет покажале двојни аршини со предлозите за определување мерка притвор и укажа дека прифаќањето на мерката притвор е само уште една спрега меѓу судството и Јавното обвинителство.

– Да потсетам во својот завршен збор јавните обвинители токму овие казни ги побараа. За обвинетиот Хаки Азири помеѓу девет и десет. За обвинетиот Фејзи Азири единствена 15 и три доживотни. Тоа укажува дека уште од почетокот, па до изрекувањето на пресудата се имаат договорено, па и во поглед на мерката притвор, изјави Алиспахиќ.

Нејасно е, посочи тој, зошто се определува мерка притвор за казна што е излежана повеќе од пет години и седум месеци и посочи дека стојат на располагање и други мерки, кои може да се заменат со мерката притвор.

Еден од членовите на семејството на обвинетите Бедри Ајдари, повика дека нема да се откажат и бегаат, туку дека ќе продолжат да се борат и најави повторно протести во петок.

Денеска Судот ги прогласи за виновни и им одреди доживотни казни затвор на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.

За обвинетиот Сами Лута, се одбива обвинението, поради откажување на јавниот обвинител.

Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, заедно со судијата Осман Шабани и тројца поротници, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Обвинетите Халил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство на Косово и им се судеше во отсуство, а обвинителката Фетаи од Судот побара да им одреди мерка притвор на неправосилно осудените Хаки и Фејзи Азири поради опасност од бегство.

По советување Судот, донесе одлука предлогот на ЈО да се уважи и на обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири и Фејзи Азири им се определува мерка притвор до отпочнување на издржување на казната затвор, односно до правосилност на пресудата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Три доживотни, 15 и девет години казна затвор за обвинетите за „Монструм“

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Мијалков: Никој од моето семејство и обезбедување не стои зад нападот на Златев

Редакција

Премиерот Оливер Спасовски негативен на корона вирусот

Редакција

(Фото) Кои министри имаат највисок рејтинг во анкетата на ИРИ

Редакција