еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Данчевска: Сообраќајните несреќи кои се случуваат поради престигнување и движење со голема брзина, се со умисла

Сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот, безбедноста на патиштата и соодветна патна инфраструктура, се едни од сегментите кои најмогу говорат за степенот на развој на една држава.

Според професорката Верица Данчевска од Техничкиот факултет во Битола, во Македонија годишно во сообраќајни несреќи загинуваат од 160 до 180 лица, бројка која е висока, имајќи го предвид индикаторот по број на жители.

Прилагодување на брзината и условите на патот, поголемо присуство на полицијата на терен, мониторинг на сообраќајот, едукација уште од најмали нозе, соодветно одржување на патиштата, се некои од мерките кои може да придонесет за зголемување на безбедноста и намалување на сообраќајните несреќи.

„Со почетокот на пандемијата, бидејќи беа ограничени движењата, бројот на жртви и сообраќајни несреќи малку се поднамали, но не се намалија како што се очекуваше. Не само што не изостанаа туку се случуваа со големи катастрофални последици во и надвор од урбаните средини.

Ова значи дека нешто недостасува и дека треба да се реагира на терен,“ вели Данчевска во интервју за емисијата „Агенда 35“ на МРТ.

Според нејзе, има разлика доколку сообраќајната несреќа е направена од небрежност или со умисла.

„Кога го анализираме правниот аспект на криминалистичките дејствија во сообраќајот, може да се анализираат два аспекти, од небрежност и со умисла.

Од небрежност може да се направи грешка кога инцидентно излегла ситуација и се изреагирало набрзина, меѓутоа сообраќајните дејства како што се престигнување, движење со недозволена брзина, свртување полукружно на недозволено место, влегување во улица со забранет сообраќај се намерни дејствија во сообраќајот, воопшто не се случајни, значи возачот има намера да прекрши сообраќајно правило и прописи кои често пати предизвикуваат сообраќајни незгоди,“ додава Данчевска.

Еден од проблемите исто така е, што учесниците во сообраќајот, правилата ги почитуваат додека ја добијат возачката дозвола, а потоа, истите тие правила ги прекршуваат.

„Со 36 часа едукација во авто-школите и со полагање во испитните центри не значи дека секој кој што ќе се стекне со возачка дозвола, подготвен е активно да се вклучи во сообраќајот.

Уште повеќе што, голем процент од возачите кога се едуцираат и додека да положат за возачка дозвола ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а кога ќе добијат возачка дозвола се однесуваат и возат скратувајќи од тие правила, непочитувајќи било да се работи од случајна грешка или смислено дејствие,“ објаснува Данчевска.

Сообраќајната култура е еден од најважните елементи на сите учесници во сообраќајот, а едукацијата треба да започне во основните училишта.

„Сообраќајната култура се гради од најмали нозе, потребно е да се воведе сообраќајно образование од најмала возраст, за кога ќе станат возрасни да бидат спремни личности кои ќе ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а не личности кои ќе земаат возачка дозвола и ќе се однесуваат како сакаат на патиштата со скапи и современи возила кои често пати не одговараат на квалитетот на патот и рангот на инфраструктурата и брзината со која што се движат,“ потенцира Данчевска.

Според професорката, сообраќајните несреќи се и трошок за општеството, па оттука државите треба да работат на нивно превенирање.

„Доколку некој намерно ги прекршува сообраќајните правила и прописи треба да биде санкциониран. Меѓутоа треба да биде санкциониран во редовни контроли и постапки, не откако ќе се случи сообраќајна незгода, затоа што сме во настан, во кој што сите имаат голема загуба.

И учесниците во сообраќајната незгода, се предизвикува големи трошоци од осигурителни компании, адвокати, судови, обвинителство, вештаци, и на крај, не ги пресметуваме општествените односно екстерни трошоци кои се едни од основните теми во транспортната економика во развиените земји.

На пример се случува сообраќајна несреќа се запира сообраќајот, додека трае увидот, кој ќе ги плати трошоците на сите оние кои се затекнале таму и кои планирале некое друго дејство, работа. Кој ќе ги плати трошоците од загадувањето од сообраќајот, застојот на возилата и сл,“ објаснува Данчевска.

Според нејзе, има многу примери од европските држави од кои државата треба да учи и да ги имплементира во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот.

„Шведска е првата земја од ЕУ која го развива системот визија нула, односно намалување на жртвите од сообраќајните несреќи и до 2050 година да нема жртви од сообраќајни несреќи.Нашата држава ги прифаќа таквите стратегии, но за да имаме резултати во се ова, потребно е да работиме многу на терен.

Многу примери има од развиените земји, како да се мониторираат возилата, како да се санкционираат оние кои што намерно го прекршуваат законот, како нормално да се одвива сообраќајот и секој да си ги почитува своите права и обврски во сообраќајот, бидејќи сообраќајот е правно регулирана дејност и се знае кој каде може да помине и како треба да се движи, сето тоа е овозможено со сообраќајната сигнализација,“ додава Данчевска.

За зголемување на безбедноста во сообраќајот во урбаните средини, потребно е и ставањето во функција на камерите по градските улици.

„Новите модерни трендови се значајни и доведуваат до зголемување на безбедноста во сообраќајот со центар за следење и управување со сообраќајот, каде што во урбаните средини се мониторираат преку камери, на крстосниците движењата, кој како се движи, дали намерно прави прекршоци, па дури може и да се забележи по регистарски број, меѓутоа, потребно е законски регулативи,“ објаснува професорката.

Данчевска забележува дека многу често на социјалните мрежи луѓето теоретизираат како треба да се однесуваме во сообраќај, но праксата говори дали ги почитуваме сообраќајните правила или пак ги прекршуваме.

„Па како нација ако може на социјалните мрежи да коментираме и ако секој кој што ќе положи за возачка дозвола се мисли за експерт во сообраќајот, тогаш можеме да се едуцираме малку повеќе, да се преиспитаме себеси дали она што ние го знаеме и го коментираме, доследно го спроведуваме на терен, дали сме истите луѓе кои знаат едно да пишуваат и теоретски да кажуваат, а сосема поразлично возат.

Недозволените дејствија во сообраќајот, посебно дејствието на престигнување во простор во кој треба да се движат возилата од спротивна насока, не е само обичен сообраќаен прекршок туку е многу повеќе, за земање на просторот на движење на другиот кој доаѓа од спротивна насока, и тоа е загрозување на основното уставно право за движење и живеење,“ објаснува Данчевска.

Во Министерство за транспорт и врски веќе е при крај подготовката на Законот за Агенција за безбедност на сообраќајот на патиштата, бидејќи работата на терен во однос на безбедноста на сообраќајот опфаќа континуирана работа на сите надлежни институции, но најважно пред се е, да се работи на превенцијата.

Фото: МРТ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВО ЖИВО) Роднини на загинатите во несреќата во Бугарија се собираат пред седиштето на “Беса транс“ во Скопје

Редакција

30 години од воведувањето на денарот и самостојноста на Народната банка

Редакција

Починаа девет лица од Ковид-19, вкупната бројка изнесува 2.821

Редакција