еМагазин
Image default
Македонија

Дебатата во Собранието и понатаму е неконструктивна, се вели во извештајот на Институт за демократија

На скала од 1 до 10, оценката за квалитетот на дебатата во Собранието за првото полугодие на 2022 изнесува 5,5.

Ова го покажа набљудувањето на Институтот за демократија во периодот јануари – јуни 2022 година.

Во фокус беа дискусиите што се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред кои спаѓаат во областите на владеење на право, човековите права и демократија.

И покрај благото подобрување во однос на периодот јули – декември 2022 (5,4), дискусијата во Собранието не ја добива минималната потребна оценка за да се именува како конструктивна дебата.

Извештајот за овој период покажува генерално ниско ниво на квалитет на дебата и го потврдува заклучокот дека постои простор за значително подобрување.

Генерално се забележува влошување на нивото на аргументирање од страна на сите учесници во дискусијата во Собранието. Во 51% од анализираните дискусии, говорниците немаа аргументи, додека во 42% од анализираните дискусии имаа слаба аргументација, односно говорниците понудија образложение на своите позиции што не е доволно да се смета за еден целосен аргумент.

Факти, односно цитирани докази од истражувања, искуство, документи и други релевантни извори, беа користени во само 3% од дискусиите.

Во овој период на известување, пратениците во своите говори повеќе се осврнуваа кон личноста на соговорникот од друга политичка опција, отколку кон суштинско разгледување на нивните аргументи.

Сепак, значително преовладуваат говорите во кои пратениците воопшто не се референцираат ниту кон аргументите на пратениците од другата попција (76%), ниту кон нивната личност (65%), што значи дека пратениците не се вклучуваат доволно во суштинска размена на ставови.

Надзорната улога на Собранието во периодот јануари – јуни 2022 година, остана во втор план. Во овој период не се одржа ниедна надзорна расправа со што се ограничи можноста на Собранието за контрола и надзор на извршната власт.

Меѓу десетте најактивни пратеници, три се жени. Учеството на жени во вкупната дискусија е 42% и се задржува на релативно исто ниво како во периодот јули – декември 2021, што претставува највисоко учество во споредба со сите претходни периоди на набљудување.

Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Гордана Сиљановска Давкова и Бојан Стојаноски.

Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Пратениците во речиси 90% од нивните говори, не се осврнуваат кон правата на мргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или темана дневен ред поврзано за нивните права.

Културата на дебатирање на пратениците во нашето Собрание, поткрепена со јасни и цврсти аргументи со кои директно се поддржува застапуваниот став, е на релативно ниско ниво. Затоа во овој Извештај се вклучени и неколку препораки, но и достапни алатки кои им стојат на располагање на пратениците за постигнување на повисоко ниво на квалитет на дебата.

Институтот за демократија, од јуни 2014 година, го следи квалитетот на дебатата во Собранието и работата на Собранието генерално. Во јануари 2020 година, почна четвртиот циклус на мониторинг, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која е поддржанa од Владата на Швајцарија. Овој проект се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Продолжува големиот интерес за вакцинација

Редакција

Катица Јанева ќе одлучува дали ќе ги изземе Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски од „Титаник 3“

Редакција

Изречени 592 санкции за неносење маски

Редакција