еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Демократски сојуз поднесе Закон против висока корупција

Претседателот на Демократски сојуз и пратеник, Павле Трајанов поднесе Предлог-закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со кој започнува „војна“ за искоренување на корупцијата и изградба на современа и демократска држава и држава полноправна членка на Европската Унија, информираат од партијата.

Пратениците и партиите коишто ќе го поддржат донесувањето и спроведувањето на овој закон се проевропски партии, кои ќе стават крај на разорното дејство на криминалот и разнебитувањето на државата, велат од таму.

„Со овој Закон, надвор од центрите на политичката и партиска моќ, се формира независна Агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и високата корупција, која ќе работи на откривање на тешки кривични дела сторени од носители на јавни функции и други вклучени во организираниот криминал.

Оваа Агенција ќе го открива и скриениот имот на функционерите во државата и странство, ќе предлага конфискација на криминално стекнатиот имот и забрана на политичко дејствување до 10 години. Оваа Агенција ќе открива кривични дела со значителна вредност (над сто илјади евра), ќе ги анализира јавните тендери и ќе иницира кривична постапка.

Инаку, Агенцијата ќе биде екипирана со врвни професионалци, способни кадри и имуни на партиски и коруптивни влијанија. Директорот ќе го избира Управен одбор составен од универзитетски професори, новинари, претставници од невладиниот сектор, адвокати, пратеници, обвинител и претставник од Државната комисија за спречување корупција. Очекувам повеќе пратеници да се приклучат како предлагачи и Законот да се донесе до крајот на месец март,“ изјави Трајанов.

Тој додаде дека заеднички се оценките дека државата и натаму се криминализира, дека отсуствува политичка волја за ефикасна борба против криминалот и поради партизацијата на сите институции не функционира имунолошкиот систем на државата, а криминалот буквално ја „јаде” државата.

„Разорното и деструктивно дејство на криминалот се забележува на секој чекор, преку социјалните разлики, сиромаштијата, селективни и нелогични судски пресуди, масовно иселување на младите и целосен колапс на државните институции и довербата на граѓаните во нив. Организираниот криминал и високата корупција сериозно ја загрозуваат демократијата, човековите права, економскиот развој и Уставниот поредок на државата.

Како држава немаме алтернатива, мораме да се соочиме со ова зло, да го искорениме и отвориме перспективи за развој на државата,“ додаде Трајанов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Алкалоид станува партнер на СОС Детско село

Редакција

Состојбата со болниците е стабилна: ГОБ „8 Септември“ и болницата Козле постепено се враќаат на редовното работење

Редакција

Скопска апелација му го укина куќниот притвор на Јанакиески, ја заменува со мерка претпазливост

Редакција