Одбележувањето на комеморацијата по повод 80 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи денеска започна со „Поворката на живите“ од локацијата на поранешната железничка станица во Скопје до некогашниот Монопол кој во 1943 година беше собирен центар за депортација на евреите во логорот на смртта во Треблинка.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ретка видео снимка од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка
Дел од поворката беа пратеници од Израел, претставници на еврејски здруженија од земјава и светот, претставници на парламентарни политички партии, претставници на дипломатски кор и 200 гости од Израел, од кои дел се обратија на комеморацијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ернест Херцог од Светскиот Еврејски Конгрес во своето обраќање истакна дека само преку утврдување дека ужасите од минатото се интегрирани во светската свест, имаме барем некаква шанса да ги победиме силите на темнината кои му се закануваат на човештвото како целина, имено, силите на нетолеранција или антисемитизам, расизмот, исламофобијата и омразата воопшто.
-Поради тоа мораме секогаш да се залагаме за интегритетот на историската вистина. Затоа денес велиме „се сеќаваме“. Се сеќаваме што се случи. Но, се сеќаваме и што изгуби човештвото на ова место. Се сеќаваме на 2.313 деца на возраст под 16 години кои беа однесени од овде, за никогаш да не се вратат назад. Колку потенцијални уметници, музичари, писатели и научници имало меѓу нив? Колку луѓе би го направиле овој свет подобро место? Ние се сеќаваме.
Не се сеќаваме само на нивните страдања и смрт. Се сеќаваме и на нивните животи, идеи, очекувања и надежи што ги имале. Се сеќаваме и на нивните неродени деца и нивните внуци. Се сеќаваме – и нема да заборавиме.“, рече Херцог.
Марија Багдасарова од Европскиот еврејски конгрес рече дека Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, служи како моќен потсетник за ужасите од минатото и ја нагласува важноста на борбата против антисемитизмот, искривувањето на холокаустот и глорификацијата на нацизмот во денешен ден.
-Особено кога се чини дека сеќавањето на холокаустот станува се подалечен настан, додека преживеаните за жал нè напуштаат. Како и да е, нашето ветување да го одржуваме споменот на жртвите и преживеаните станува посилно од кога било досега и не охрабрува да продолжиме да се стремиме кон поправеден и сочувствителен свет, истакна Богдасарова.
Членот на Кнесетот Хамад Амар во своето обраќање изрази благодарност за посветеноста на Македонија во зачувањето споменот на Еврејската заедница и Холокаустот, како што е видливо во различните меморијални настани.
Пепо Леви, претседателот на еврејската заедница во Македонија рече дека 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, никогаш повеќе не ги видоа своите родни градови. Марија, Пепо, Жоли, Бесале, Дора, Давид , Руфел, Јаков, Боена, Мари, Естер, живееја во слога и мир со македонскиот народ, со Турците, Албанците, Србите, Ромите и со останатите народи од овие простори.
-Нека примерот на Евреите и соживот со Македонците и останатите народи од Македонија, според кажувањето на нашиот Мориц Романо, му биде пример на цивилизираниот свет како да ја гради иднината, демократијата и просперитетот, почитувајќи го основното човеково начело – правото на живот, она што ние Евреите го немавме во фашизмот.
Македонските жртви на холокаустот од Штип, Битола и Скопје, нека претставуваат залог за живот во мир и слога, живот без војна и омраза, на тоа не обврзуваат милионските жртви од Втората светска војна, рече Леви.
На спомен обележјето во чест на депортираните Евреи од Македонија во дворот на некогашниот Тутунски комбинат Скопје со пригодни говори се обратија и претседателот Стево Пендаровски, заменик-претседателот на Владата, Фатмир Битиќи.
Комеморацијата по повод 80 годишнината од Холокаустот на Евреите од Македонија заврши со КАДИШ (молитва), и со полагање венци со свежо цвеќе на спомен обележјето во некогашниот монопол во Скопје.
МИА/Фото: Кабинет на претседателот