еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Директорот на РЕК Битола бара извинување од Антовски од ВМРО-ДПМНЕ: Ако има индиции за незаконска работење доказите нека ги даде на институциите

Директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски денеска изјави дека доколку ВМРО-ДПМНЕ има какви било индиции за незаконско работење, наводите да ги достави до надлежните институции, а не од партиска говорница, како што рече, да шири лаги и манипулации за работата на Комбинатот.

-Никој, а најмалку политичка партија, која РЕК Битола го третираше како златна кокошка, не смее да шири лаги и невистини за работата на комбинатот од кој зависи судбината на Македонија. Барам извинување од Стевче Антовски во рок од 24 часа.

Во спротивно РЕК Битола ќе поднесе тужба за клевета. Секој што ќе излезе на партиска говорница со цел да ја оцрни работата на над 2.000 луѓе во РЕК Битола мора да има барем ронка одговорност за јавно кажаното, вели Матевски.

Тој потенцира дека на последниот јавен повик за избор на фирма за ископ во рудникот Брод – Гнеотино, се јавиле не една, туку две фирми. Договорот, нагласува, е склучен согласно сите законски процедури.

-Секоја година, од отворањето на Брод – Гнеотино во 2012 година, се врши набавка на услуга за ископ на јаглен и јаловина. Причината е тоа што во Брод – Гнеотино се врши дисконтинуиран ископ на јаглен, за разлика од рудникот Суводот каде станува збор за различен систем на ископ, кој се врши со сопствени ресурси на РЕК Битола. Наведениот договор е склучен на 18 месеци, не на 12 месеци како претходниот со цел да не се случи завршување на договорот во текот на грејната сезона.

Ако калкулаторот им беше во ред и ги поделеа износите, јасно ќе забележеа дека се работи за скоро идентична сума за услугата и лани и годинава и покрај зголемувањето на цената на нафтените деривати што ги користат машините, нагласува во изјавата Матевски.

Според него, тврдењата, пак, за злоупотреби на камиони за прикажување на фиктивни трошоци, се груба лага. Партијата што сега за тоа обвинува, вели, тоа најдобро го знае. Тоа, вели, е завршена приказна со нивното заминување од РЕК Битола.

-Што се однесува до договорот со фирмата за прскање на прашината со адитиви, потенцирам дека на јавните огласи може да се јави секоја фирма во државата. Ние ниту можеме, ниту смееме да ја ограничиме конкуренцијата. Апелирам до сите политички партии да се воздржат од какви било манипулации во врска со работењето на РЕК Битола.

Јас сум најмалку важен во грдата слика што некој сака да ја прикаже. Важни се работниците, кои со лагите и манипулациите што ги слушаат може да се доведат во заблуда и да се демотивираат, а во моментов тоа е нешто што најмалку ни треба, нагласува директорот на РЕК Битола.

Тој додава дека доколу опозицијата не може да помогне со ниту еден конструктивен предлог, тогаш да го остави РЕК Битола и сите вработени во комбинатот да се справуваат со секојдневните предизвици за доброто на целата држава.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) РЕК Битола за истиот тендер оваа година платила 7 милиони евра повеќе од лани, велат од ВМРО-ДПМНЕ

(Видео) РЕК Битола прави набавка од фирма на директор на ТЕЦ Неготино, велат од ВМРО-ДПМНЕ

МИА/Фото: РЕК Битола

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Што предвидува новиот Закон за јавно обвинителство: Посебно одделение за истраги на лица со полициски овластувања

Редакција

Каков имот пријавил министерот Хоџа, кој поднесе оставка

Редакција

Убава вест: Оздравени 317 болни од Ковид-19

Редакција