еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Голем дел од угостителските објекти во Маврово ги испуштаат отпадните води во езерото или во Радика

Девет правни субјекти на територија на Националниот парк Маврово не поседуваат елаборат за заштита на животната средина, а голем број угостителски објекти директно ги испуштаат отпадните води во Мавровското Езеро или реката Радика.

Ова е констатирано од страна на интензивниот надзор што го прави Државниот инспекторат за животна средина по претставка од граѓани.

„Досега се инспектирани 18 објекти и утврдено е дека 9 не поседуваат Елаборат за заштита на животната средина.

Голем број инспекторирани угостителски објекти директно ги испуштаат отпадните води во Мавровско Езеро или реката Радика, како на пример хотелите „Радика”, „Бистра”, „Спорт”, „Лодге” и „Алпине”.

Помали погони, како на пример „ЕуроЕдил”, „Новитет” и „Техно Блок”, сите лоцирани во село Скудриње, исто така немаат Елаборати за заштита на животната средина и испуштаат отпадни води во реципиент без пречистување,“ се наведува во соопштението од Инспекторатот.

Сите субјекти кај кои се најдени неправилности, се задолжени најпрво да ја обезбедат потребната документација (одобрени елаборати за заштита на животната средина, дозволи за испуштање на вода во реципиент, проекти за изведба на пречистителни станици и слично), а потоа ќе добијат соодветни рокови за да ги применат сите неопходни мерки за спречување на загадувањето.

До крајот на март, велат од Инспекторатот, ќе се изврши надзор врз сите правни субјекти и ќе се преземат мерки за корекција на неправилностите.

Фото: ДИЖС

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Дојче веле“: ЕУ повторно ќе ја стави Македонија на „црната листа“ за патување

Редакција

Нови огласи: Над 3 хектари државно земјиште им се ставаат на располагање на земјоделците

Редакција

Средбата Заев-Ахмети заврши без договор за нова Влада, разговорите продолжуваат

Редакција