еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Доктор Даниловски објаснува: Смрт од Ковид-19 или смрт со Ковид-19?

Ви ја пренесуваме новата колумна на проф. д-р Драган Даниловски за doktori.com.mk.

“Определувањето на причината за смрт не може да биде само утврдување на непосредната причина за смрт (causa mortis) со помош на судско-медицинската обдукција, туку крајна цел е утврдување на т.н. основна причина за смрт – болест или повреда од која тргнал редослед на морбидни настани, кои завршиле со непосредната причина за смрт.

Зошто?

Затоа што, морталитетната статистика не се темели на непосредната, туку на основната причина за смрт – природна или насилна!

За таа да се утврди, не е доволна само обдукција, туку и анализа на медицинската документација на починатиот – ако е природна причина – од која ќе се види од кои болести страдал починатиот до моментот на смртта или увид во надворешните околности под кои настанала смртоносната повреда – кај насилна смрт .

Кога се работи за Ковид-19, како природна причина, потребно е да се утврди дали оваа болест е основна причина за смрт или тоа е некоја друга состојба (болест), а Ковид-19 е само придружна состојба која придонела да се забрза фаталниот крај. Или како што тоа вообичаено се вели, дали се работи за смрт ОД ковид или за смрт СО ковид!

Кога се работи за насилна смрт – каква што е горење во пожар (или било кој друг вид насилна смрт), основна причина за смрт е повредата која довела до смрт – механичка, огнострелна, хемиска, физичка или изгореница.

Покрај основната причина, неопходно е да се наведат и надворешните околности кои довеле до смрт – горење во пожар или смрзнување, сообраќајна незгода, паѓање, потопување (давење), задушување, употреба на остри премети, огнострелно оружје, каснување од животно или инсект, труење со корозивни материи, хемикалии, лекови… итн.

Постојат и јавно се достапни критериуми на СЗО за избор на основната причина за смрт кај починати лица со ковид инфекција, донесени врз основа на XI Ревизија на Меѓународната класификација на болести и поврзани здравствени проблеми.

Во неодамнешната трагедија имавме пациенти од Ковид-19, кои ги загубија животите во пожар. Значи, имавме насилна причина, при која надворешните околности (надворешна причина) се „изложување на оган“, а основната причина за смрт се изгорениците! Во никој случај, насилна причина не може да се заведе како природна – во случајов, Ковид-19!

Во сертификатот за смрт, Ковид-19 треба да се внесе во графата „други морбидни состојби кои немаат врска со основната причина за смрт (изгореници), но придонела кон побрз фатален крај“.

Или – да се надоврзам на исказот во првиот пасус – овде се работи за насилна смрт СО ковид, а не смрт ОД ковид“, пишува тој.

Само би додале дека на прес-конференцијата по пожарот во модуларната болница во Тетово, министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека 14. лица кои загинаа во пожарот ќе се водат како починати од Ковид-19.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Доктор Даниловски: Зошто баш ние шампиони во смрт од Ковид-19 да бидеме?

Проценки на доктор Даниловски за есенско-зимскиот бран на Ковид-19: „Догорува сѐ што беше за горење“

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Список на лиценцирани психолози за психолошка поддршка на лица во карантин и изолација

Редакција

Во Македонија воведена нова метода во лекување на пациенти со мозочно крвавење

Редакција

Авалон продукција: „Ѓоле не може да умре тој само одмара, додека неговите песни лечат душа“

Редакција