еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Документарниот филм за Бигорски манастир „1000 години сведок на Светлината“ ќе биде промовиран на 15 април

„1000 години сведок на Светлината“ е документарен филм за Бигорскиот манастир по повод големиот јубилеј на манастирот, којшто го доловува духовниот монашки континуитет низ вековите.

Во интервју за МИА режисерот на филмот, Илија Ико Каров, вели дека овој филм говори за љубовта, постоењето, заборавените вредности, духовната преобразба и е морално патување нагоре кон вечноста…

Премиерата на филмот ќе се одржи на 15 април во 20 часот, а паралелно ќе се емитува и на Националниот сервис, на каналот Јутјуб и ќе биде споделен на официјалните Фејсбук страници на филмот и на Бигорскиот манастир.

– На секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, којшто сведочи за една друга убавина, не од овој свет. Тоа е токму оној петтиот елемент кој им дава потекло на сите оние познати четири елементи, тоа е онаа убавина којашто многу просветлени и филозофско освестени луѓе ја сместиле во центарот, како есенција на мудроста. И овој филм е токму за таа убавина што веќе еднаш го спаси светот, вели режисерот Каров за филмот за Бигорски.

Каров вели дека кога го работел филмот, земајќи го предвид секојдневието во кое сме нападнати од секакви идеологии и пораки, почувствувал дека тоа е едно морално патување, ниту кон минатото, ниту кон иднината, туку нагоре кон вечноста.

– Тоа што имено ние го доживеавме таму не беше наша привилегија, туку Бигорскиот манастир е отворен за сите и тоа е едноставно нешто што секој има право да го добие својот дел од него. Да го добие својот одговор, конкретно за мене беше едно патешествие кон вистината, кон светлината и ништо помалку од тоа, оценува режисерот.

Каров вели дека филмот го снимиле без финансиска поддршка, но самиот тој и целата екипа за возврат добиле многу повеќе.

– Едноставно не ни требаше финансиска поддршка. Нашите хонорари сесрдно без колебање ги дониравме, никогаш не ни стана збор за некој од нас да побара какви било пари. Ние за возврат добивме многу повеќе, нешто што не можеме да го потрошиме за време на животот, туку напротив можеме да го умножиме заради тоа што светлината и љубовта се единствените два елемента во нашиот живот што кога се делат, се умножуваат, вели режисерот Каров за МИА.

МИА/Фото: emagazin.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонските момчиња станаа мажи, а девојчињата израснаа во жени чекајќи ЕУ да ги исполни ветувањата

Редакција

Струјата ќе поскапи за 27%, доколку се прифатат барањата на компаниите

Редакција

(Видео) Во Охрид и журки на плажа, каде е полицијата?

Редакција