еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Духот и божикната магија на Рајчкиот манастир во рачно изработените божикни пештери

Опколен со живописна природа и воодушевувачки поглед кон Дебарското Езеро, манастирот „Св. Георгиј Победоносец“, познат уште како Рајчки манастир изобилува со духовен мир.

Храмот е изграден во вид на еднокорабна црква, зацврстена со пилистари во централниот дел од каде се издигнува кубе со осмострана купола. Во манастирот се влегува низ голема двокрилна дрвена врата со тешки железни опкови. Тука, монахињите со своите вешти раце изработуваат уникатни божикни пештери.

Овие божикни пештери, како што раскажуваат монахињите во разговор за МИА, имаат богата историја зад себе.

„Божикната радост насекаде во светот се изразува на разни начини. Нашите предци, пеејќи ги божикните песни наречени „каланди“, насекаде го објавувале Рождеството Христово.

Некаде се изработувало украсено бротче, кое ја претставувало црквата Христова и со него се одело од дом во дом, каде децата биле дарувани со различни дарови од домаќините, на други места Христовото рождество се објавувало со ѕвезда, која ја означувала Витлеемската ѕвезда што ги водела тројцата мудреци до Богомладенецот, обичај кој и денеска е запазен во Крушево, а во Струга, пак, се носела и пештера и ѕвезда,“ раскажува сестра Ефимија.

Во разговор за МИА, сестра Ефимија вели дека најмладите, со помош на повозрасните, со особена љубов и радост правеле мала пештера, која ја симболизирала Витлеемската пештера и собрани во дружини ја носеле од куќа во куќа, тропајќи со дрвено чеканче по вратите и со песна на сите им го најавувале Рождеството Христово.

„Појавата на божикната пештера и обичаите поврзани со неа се древни и потекнуваат уште од времето на раното христијанство. Божикните пештери зеле силен замав низ христијанскиот свет – и на Исток и на Запад. Кај словенските народи се развиле дури и цели театарски претстави, чија сцена била токму божикната пештера.

Пред верниот народ се одвивала Рождественската драма: Раѓањето на Богомладенецот од Дева Марија, поклонувањето на пастирите и мудреците, гневот на Ирод, итн.. Според истражувањата на етнолозите, познато е дека и во земјава постоела ваква божикна драма, која се изведувала во некои поголеми градови: Скопје, Охрид, Битола, Струга.

За постоењето на тоа, потврда наоѓаме во еден нотиран зборник во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје, каде што постои драмски текст со наслов „Вертеп“ или „Ѕвезда“,“ вели сестра Ефимија.

Појаснува дека тоа е процес во којшто пештерите се украсуват со икони на Рождеството, свеќички и кандила. Додава дека возобновената традиција денеска претставува особено голема радост за најмалите.

„Од пред повеќе од една деценија, со огромно залагање од страна на нашиот Старец, епископот антаниски, г. Партениј, прекрасната традиција за изработка на божикни пештери и одењето на децата во поворка со нив на ден Бадник беше возобновена во многу градови од нашата земја.

Денес, на наша голема радост, може да се види како многу дечиња, собрани заедно, носат пештери, украсени со икони на Рождеството, свеќички, кандила,“ вели Ефимија.

Нагласува дека овие божикни манифестации кои во потполност биле христијански, без елементи на паганизам и пренагласена театралност, се јавувале како своевиден израз на длабоката побожност на народот, но притоа во никој случај не ги заменувале богослуженијата, туку само повикувале на литургиско празнување во храмовите.

За сестра Филотеја, која исто така е дел од процесот на изработка на овие пештери, изработката претставува процес кој шири радост и исполнетост.

„Божикните пештери се една прекрасна рачна изработка. Се прават во неколку етапи и секоја од нив е поразлична од сите други. Има одреден период во годината кога одиме да собереме шишарки, суви цветови и други украсни материјали, бидејќи станува збор не само за формирање на обликот на пештерата и боењето, туку за цел еден процес.

Имено, за да може целосно да се заврши една пештера, потребни се неколку дена. Обично најпрвин одвојуваме денови за оформување на пештерата, па потоа за боење, за изработка на иконите и на крај за украсување,“ раскажува сестра Филотеја.

Рачно изработени божикни пештери за поголема божикна магија во секој дом. Цените на божикните пештери се симболични и различни, а за нив има побарувачка.

„Пред сè тие го носат благословот од нашиот Старец, епископот антаниски г. Партениј, кој многу се потруди за да ја продолжи замрената традиција на употреба на пештерите во предбожикните манифестации.

Освен тоа, пештерите се изработуваат во атмосфера на постојана монашка молитва и благочестивиот дух на сите оние кои ни помагаат. Во пештерите се вгнездува духот на светиот Победоносец Георгиј и божикната радост на сестрите, па пристигнувајќи кај купувачите, тие го населуваат благословот и во нивниот дом,“ посочува сестра Филотеја.

Додава дека луѓето неретко знаат, освен да земат за себе, да подарат божикна пештера и на некој бизок.

„Фала му на Бога, иако божикните пештери веќе неколку години се изработуваат и продаваат кај нас, сè уште има побарувачка за нив. Луѓето често знаат, покрај за себе, да си набават пештера и како подарок за да израдуваат некого.

Цените се симболични и различни, бидејќи има стандардна големина на пештери, но и други поголеми според потребата и намената, велат сестрите кои речиси една деценија рачно ги изработуваат овие божикни пештери.

Манастирот во село Рајчица, посветен на св. Георгиј Победоносец, бил толку прекрасен и убав што го нарекувале и „Дворецот на св. Георгиј“. Во минатото, овој манастир функционирал како економски дел на Бигорскиот манастир, поточно бил негов составен дел, а за богатството на манастирот говори и податокот дека на местото на денешното Дебарско Езеро порано имало река и пат и манастирот всушност бил издигнат над патот, а надолу под него се простирале големи насади со лозја.

Божик или Рождество Христово – Денот на Христовото раѓање според христијанската традиција е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Црквите кои го користат грегоријанскиот календар, вклучувајќи ги сите католички, протестантски и повеќето православни цркви, го прославуваат на 25 декември.

Црквите кои го користат јулијанскиот календар, вклучувајќи ја и Македонската православна црква, го прославуваат Божик на 7 јануари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Илјадници деца во 62 градови ќе чекорат во бадниковите поворки на радоста и пеејќи ја ангелската песна „Вечниот Бог“ најавувајќи го Божиќ

(Видео) Во пресрет на Бадник и Божик, објавена третата верзија на песната „Вечниот Бог“

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пад на прометот и бројот на трансакции на Македонската берза во март

Редакција

Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсоненко се новите имиња на црната листа на САД

Редакција

Македонско-словенечки конзорциум го доби тендерот за адаптација на филтер станицата во Штип вреден 5,4 милиони евра

Редакција