еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ќе се формира оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани, одлучи Советот за координација по честите дојави за бомби

Безбедносната состојба е стабилна и не постојат реални закани по безбедноста на граѓаните, констатираше Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница на состанокот што се одржа денеска по честите дојави за бомби во државава.

На состанокот е донесена одлука да се формира оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани.

-Безбедносно-разузнавачката заедница е во секојдневна меѓусебна комуникација и координација, како и со меѓународните партнери од безбедносниот сектор со кои постојано работат на размена на информации и искуства во справувањето со хибридните закани, соопштија од Владата по третата седница на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

Со оперативниот тим за сајбер безбедност и хибридни закани ќе раководи Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи.

Оперативниот тим ќе биде составен од експерти од Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање. Предвидено е по потреба да бидат вклучени и други институции и експерти.

-Главни задачи на оперативниот тим ќе бидат стручната процена и препораки, изработка на минимум стандарди и опрема за градење отпорност на секоја институција и зајакнување на комуникацијата со јавноста на дневно ниво. Меѓу другото, донесен е и заклучок со кој се зајакнува комуникацијата со партнерски институции во делот на проценката на отпорност и заштита на системот, велат од Владата.

На состанокот присуствувале првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби, министерите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни работи, Бујар Османи и за одбрана Славјанка Петровска, директорите на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски и на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, раководителот на Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање полковник, Ивица Ампов, а како ад-хок присуствувал и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски. Седницата е свикана на иницијатива на канцеларијата на Советот предводена од секретарот Даниела Илиоска.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од 1 јули свадби ќе се организираат и во затворен простор до максиумум 250 гости

Редакција

МВР му врачи отказ на советник на ексминистерот Чулев поради насилно однесување

Редакција

Во фирма во Скопје пронајдено починато 23-годишно момче

Редакција