еМагазин
Image default
Бизнис

ЕБОР и НЛБ Банка потпишаа договор за финансиски пакет од 8 милиони евра за поддршка на претпријатијата

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и НЛБ Банка Скопје потпишаа договор за финансиски пакет од 8 милиони евра за поддршка на македонските претпријатија.

Финансискиот пакет се состои од две кредитни линии и тоа, кредитна линија од 5 милиони евра од Програмата за поддршка на конкурентноста на локалните мали и средни претпријатија, за инвестиции за надградба на производните капацитети во насока на зголемена комплементарност со различните ЕУ Директиви во областа на заштита на човековата околина, безбедноста на работниците и квалитет на производите, како и сигурност во работењето.

Оваа програма е поддржана од Европската Унија и НЛБ Банка ќе биде петтата македонска банка која ќе се приклучи на истата;

Кредитна линија од три милиони евра од Програмата за финансирање на зелена енергија за поддршка на инвестициите во зелени технологии, материјали и решенија во станбени згради и домови во приватна сопственост.

НЛБ Банка ќе биде четвртата локална банка која ќе се приклучи на програмата поддржана од Европската Унија, Австрија и Инвестициската програма за Западен Балкан.

Со цел справување со пандемијата предизвикана од Covid-19 вирусот, во нашата земја беа преземени ригорозни мерки, а кризата имаше негативно влијание на економијата во целост.

И покрај негативните ефекти од кризата, побарувачката за продукти наменети за подобрување на конкурентноста и обезбедување на енергетската ефикасност, остана на високо ниво. Се очекува овие две кредитни линии да ги покријат токму овие потреби.

„Среќни сме што денеска НЛБ Банка стана дел од Програмата за поддршка на конкурентноста и Програмата за финансирање на зелена економија. Програмата за поддршка на конкурентноста е програма развиена од ЕБОР и ЕУ, преку која локалните мали и средни претпријатија се поддржани во достигнување на ЕУ стандардите во три клучни области: заштита на човековата околина, здравје и безбедност, како и квалитет на производи; области каде сакаме македонските претпријатија да се издигнат, бидејќи се стремат кон интеграција во регионалните и Европските пазари.

Програмата за финансирање на зелената економија се фокусира на кредитирање на побарувачката за енергетска ефикасност од страна на граѓаните, која продолжува и во овие времиња на предизвици, но ние остануваме да им бидеме на располагање на клиентите во поддршка на зелената транзиција на Северна Македонија,” изјави Анди Аранитаси, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија.

Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Антонио Аргир додаде дека обезбедувањето на овој финансиски пакет е од особена важност за нашите клиенти затоа што ќе им се обезбеди полесен пристап до средства за финансирање на проекти за обновливи извори на енергија, остварување на енергетски заштеди и заштита на животната средина.

„Со новите кредитни линии ќе ја збогатиме понудата на Банката со нови кредитни продукти и силно веруваме дека истите ќе побудат интерес кај македонските компании и населението. Склучувањето на овој договор е уште еден доказ за успешната соработка која низ годините ја градиме со ЕБОР и нашата заедничка мисија да обезбедиме континуирана поддршка на растот на македонската економија,“ изјави Аргир.

Со оваа конкурентна кредитна понуда прилагодена на актуелните потреби на пазарот продолжува континуираната долгогодишна соработка меѓу ЕБОР и НЛБ Банка. Преку неа Банката успешно  ја потврдува својата позиција на промотор и поддржувач на растот на локалните бизниси и воопшто населението.

Со овие продукти клиентите истовремено ќе имаат помали трошоци заради енергетските заштеди, но и ќе добијат одреден процент на поврат на средства по успешно реализираната инвестиција

НЛБ Банка АД Скопје има значајно искуство во пласирање на кредити од ЕБОР, кои им помагаат на бизнисите и домаќинствата во подобрување на енергетската ефикасност и поттикнување на конкурентноста. НЛБ Банка АД Скопје е една од трите најголеми македонски банки, со мрежа од 52 експозитури на национално ниво, преку која ќе се пласираат средства од оваа кредитна линија.
ЕБОР е главниот институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 2 милијарди евра во 134 проекти во земјата.

ЕБОР одлучно одговори на пандемијата и сега е посветена на насочување на активностите во справување со економските последици од Ковид-19, со вкупен пакет на поддршка од 21 милијарда евра, до крајот на 2021 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Најголем дел од граѓаните кои се обесштетуваат преку НЛБ Банка, имале до 100 денари на сметка во Еуростандард банка

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Колку изнесува највисоката просечна бруто-плата во јули

Редакција

ЕВН Македонија останува универзален снабдувач на струја

Редакција

Индустриското производство зголемено за 5,1 проценти

Редакција