еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Еден од обвинетите не дојде: Стартот на новото судење за „Таргет-Тврдина“ одложено за утре

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска не започна повторената постапка за предметот „Таргет-Тврдина“, бидејќи не беше присутен еден од обвинетите.

Како што информираше претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков, на обвинетиот Тони Јакимовски му била пуштена покана, но, наредба, како што рече „нема стигнато“.

– Судењето ќе  започне утре со воведни говори и испитување на двајца сведоци, Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, рече судијата Трпков.

Првото рочиште за повторената постапка беше закажано за денеска откако Апелациониот суд во Скопје лани ја укина пресудата од 2021 година, а жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја оцени како беспредметна.

Апелациониот суд Скопје, при разгледување на пресудата, констатираше дека првостепениот суд при постапување по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривична постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се довела во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.

Во првичната пресуда за нелегалното масовно прислушување, обвинетите добија затворска казна вкупно од 55 години од кои 12 години за поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

По 15 години добија Горан Грујевски и Никола Бошковски, шест години му беа изречени на Тони Јакимовски, четири на Гордана Јанкулоска и три на Надица Николиќ. Условни затворски казни во траење од две години им беа изречени на Маријан Шумуликоски, Владимир Варелов, Васил Исакоски, Валентина Симоноска и Силвана Златова.

Според првичниот обвинителен акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.

Судскиот процес од првичната постапка започна на 22 декември во 2017 година против 11 лица. Беа одржани 53 рочишта, на кои се сослушаа 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења. Сослушани беа и над 200 оштетени лица.

Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителот Трајче Пеливанов.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) „Рагуза Груп“ го прослави триесетиот роденден

Редакција

Министерството за одбрана распиша тендер за купување машки и женски чевли

Редакција

Детален преглед: Кои се студентите што добија сместување во студентските домови?

Редакција