еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Една година со Ковид-19: Македонија и светот во уште потешки искушенија

Точно една година откако беше утврден првиот случај на Кoвид-19 во Кина, светот е зафатен од втор бран на пандемијата. Ситуацијата е далеку од охрабрувачка, во пресрет на зимската сезона на северната хемисфера.

На почетокот на пандемијата во Македонија имаше по двајца или тројца починати и не повеќе од 100 заразени лица дневно, а сега застрашувачки се информациите за црните биланси на починати кои надминуваат неколку десетици лица, а бројот на заразени над 1.000 лица во еден ден.

ПОВЕЌЕ ЗЕМЈИ ВОВЕДУВААТ НОВИ ОГРАНИЧУВАЊА

Слична е состојбата во повеќе земји во светот, каде се повеќе се воведуваат нови ограничувања.

Австрија повторно е во карантин. Улиците во големите градови се напуштени, а мерките за заштита ќе траат три недели и се слични на наметнатите во март. Само продавници за храна, аптеки и банки можат да им служат на клиентите.

„Секако, малку сме исплашени, но барем знаеме дека ќе можеме повторно да се отвориме на 8 декември. Ова ни дава многу повеќе надеж од првиот карантин, барем тоа е зрак светлина“, вели Теодор Ваничек, сопственик на продавница во Виена.

Луѓето мораат да останат дома и можат да излегуваат само да одат на работа, да извршуваат итни задачи или да спортуваат. Сите училишта се префрлија на учење на далечина, но за разлика од март, учениците се уште можат да одат на училиште ако им треба помош од наставникот или немаат услови дома за учење.

Еден ден откако федералните и провинциските власти во Германија одлучија да ја одложат одлуката за продолжување на ограничувачките мерки за 25 ноември, канцеларот Ангела Меркел изрази загриженост за ширењето на коронавирусот.

„Ситуацијата во моментот е се уште сериозна и дури би рекла многу сериозна. Пандемијата не погодува низ целиот свет и во моментов е потешка на северната хемисфера отколку на југот. Значи, треба да ги намалиме контактите“, рече таа.

ПОЧИНАТИ 1,33 МИЛИОНИ ЛИЦА

Пандемијата за една година однесе животи на 1,33 милиони луѓе од 55 милиони потврдени случаи.

Според документите на кинеската Влада, првиот случај на коронавирусот бил на 17 ноември 2019 година, неколку недели пред властите официјално да објават дека се појавил нов вирус.

Се верува дека „нултиот пациент“ е 55-годишен жител на провинцијата Хубеи, но тоа се уште не е потврдено. Сепак, кинеската Влада официјално не потврди позитивен случај на коронавирусот до 8 декември 2019 година.

Уште откако беше објавено во јануари дека епидемијата започна во Вухан, научниците се обидуваа да го пронајдат изворот на инфекцијата. Се претпоставува дека животни го пренеле на луѓето, но засега нема потврда за тоа.

Кинеските власти идентификуваа најмалку 266 лица со коронавирусот кон крајот на минатата година. Кон крајот на декември, кинеските лекари сфатија дека имаат работа со нов вирус. Лекарите во Вухан на крајот на 2019 година лекуваа десетици пациенти со пневмонија. Пациентите имале различни симптоми, вклучувајќи треска, кашлица и респираторни проблеми.

Ниту еден од првите девет случаи во ноември не беше потврден како „нулти пациент“. Постојат наводи дека првите случаи се од порано. До 15 декември имало 27 заразени. До 20 декември беа потврдени 60 случаи, а на 27 декември имаше повеќе од 180 заразени. До 1 јануари 2020 година, беа потврдени 381 случај.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пратеникот на ДУИ, Зибери е хоспитализиран на Инфективна клиника

Редакција

Почина кралицата на соул музиката Арета Френклин

Редакција

Интензивирање на ТВ-наставата за да се опфатат сите предмети во основно

Редакција