еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Една поинаква приказна од железничката трагедија во Грција за момчето Кипријан од Кипар

Во железничката несреќа која на 1 март се случи во Грција и во која загинаа 57 лица, долго време медиумите пренесуваа приказни како за преживеаните, така и за оние кои животите ги загубија во овој трагичен настан.

Помеѓу загинатите е и 23-годишниот Кипријан Папајоану, од Кипар, пишува bigorski.org.mk.

На неговиот погреб присуствувале претседателот на Кипарската Република со голем број владини претставници, а опелото било испеано од Митрополитот на Лемесос Атанасиј, во сослужение со повеќе свештенослужители.

Додека сите роднини и пријатели биле облечени во бело, испраќајќи го Кипријан на неговиот пат кон небесата со таговна радост, надгробно слово одржал неговиот татко, свештеникот Христодул, кој го опишал восхитувачкиот духовен живот на Кипријан, кој е за особен пример.

Текстот од беседата на таткото на Кипријан, преведен на bigorski.org.mk Ви го пренесуваме во целост:

Не знаев дека ќе има толку народ, јас никогаш не сум се нашол пред толку многу народ. Благодарам и би сакал така, татковски, да кажам неколку зборови за Кипријан.

„Каде ќе бидеш за Сирната недела, сине?“, го прашав. „Ќе одам со мојата Христина на Андрос, за да се помолиме и да го земеме благословот на света Марина“. „Нека е благословено, сине, да одите, внимателно и со арно да се вратите“. Ова беше последниот разговор што го имав со син ми Кипријан, преку пораки.

Во вторник утрото ми ѕвони за да ми каже: „Поминавме многу убаво, се израдувавме духовно, во нашиот сакан манастир“. „Слава на Бога! Како ќе се вратите, сине, во Солун? Со авион или со воз?“. „Ќе одам со воз, поевтино е, ќе заштедам. Ќе учам по пат, за да не губам време. Треба да завршам, тато, зашто ме чекаат обврски, како што знаеш“. „Ајде, сине, одете, а ние сме покрај вас“. Зборуваше за обврски, бидејќи имавме закажано да ги венчаме со неговата сакана Христина на 27 август.

На крајот на краиштата, единственото нешто што можеме да му ветиме некому е тоа: „Оди, а јас ќе бидам покрај тебе“. Но на кое место и на кој начин, единствено великиот Отец, Седржител Господ може да ни каже. И сега сум покрај тебе, сине.

Покрај твоето многустрадално тело, но и покрај твојата душа, сета в светлост. И света Марина, светите Апостоли, апостолот Варнава – чиј тропар со толку страст го пееше, Мајката наша Богородица – зашто кога пееше „Света Дево“, не сакав да заврши… И тие ќе бидат со тебе, јунаку мој. Еднаш овде беше дојден еден епископ, па му реков: „Кипријане, заедно со Јани да го испеете „Света Дево“, наместо причесен“ – зашто беше близу празникот на Богородица – „погрешно е, ама испејте го, сине“. И го видов владиката што седеше внатре во олтарот, но оддолжуваше и ми рече: „Не изнесувај ја светата Причест, почекај уште малку, за да не заврши пеењето.

Уживам во ова што го слушам“. Значи, реков, не сум јас единствениот што уживам, зашто пее син ми, бидејќи имам и други синови, ама не ги земам за псалти. Имам и еден што ич не знае да пее. Кипријан го наследи својот музички дар од дедо му, поп Јани. Кога имаше две и пол години, сам дојде и ми го испеа „Богородице Дево“ без ниеден фалш. Сè што ќе чуеше, можеше да го испее со голема точност. Дар од Бога е, слава Му на Бога!

Вторник вечер, 28 февруари годинава. Утре почнува пролетта, први март. Само што беше стигнала твојата вереница Христина, после полноќ, беше исплашена. „Кипријан не ми одговара“ – ми рече – „Јас дојдов со авион, а Кипро со воз. Ах, тој воз. Нешто се има случено“. „Чекај, ќерко, да видиме што се случило“. Навистина, побарав на интернет и најдов дека нешто се случило, некој судир во близина на Темпи, кај Лариса. Си велам, дали е можно…

Чекај, да побараме. Боже, помогни, да не е нешто сериозно. Боже, детето мое, син ми… Јас сум татко, ги имам моите деца што ги сакам премногу, но, си велам во себе – и поп сум, ја совршувам бескрвната Жртва за целиот свет, така што не можам да мислам само за своето дете.

Но, си велев: „Боже, помогни им на сите, но пази го и син ми, да не му се случи нешто“. Помислата ми се смути: „За што да се помолам, Боже мој?“. Несреќата била страшна, почна да се слуша за мртви. Добив информации дека има мртви. „Боже… Немој син ми!“ Но, пак еден врисок од внатре ми вели: „А, зошто не син ти? Другите се помалку вредни од син ти?“

Ми прокрвари срцето и душата… „Ако му е време да си оди, кој си ти да кажеш поинаку, штом Бог така промислил? Дете ми е, го сакам, но не е само мое дете – најпрвин и над сè е дете Божјо, кое Ти, Боже, ми го довери да се грижам за него, да се претвори, колку што е можно, во икона на Твојот Син, Господ наш Исус Христос, колку што е можно“. Така си велев во себе.

Ние со попадијата се погриживме нашите деца да се причестуваат непрестајно. Немаше една Литургија, а Кипријан да не се причести со пречистите Таинства, во сите денови до денес, еднаш или двапати неделно, а во Четириесетницата дури и на Претходноосветените. Забележав дека во него се имаа развиено некои дарови што Бог му ги даваше.

Имаше една кротост, беше полн со желба за живот, беше еден чувствителен човек. Беше голем воздржник, додека јас не сум воопшто таков, така што тоа не го доби од мене, туку му беше дар – се задоволуваше со многу малку нешта. Се интересираше за сè, сакаше сè да научи, но истовремено неговата врска со Бога беше врска на акривија – не си попушташе на себе си.

Во мојата куќа направив еден параклис на свети Нектариј и го поставив него за одговорен уште од мало дете, од осум години, и никогаш не се јави потреба да му направам забелешка.

Се грижеше и без да му речам, кандилото на светителот беше секогаш запалено, а олтарот секогаш чист. Доаѓаше и со мене започнуваше разговор за духовни прашања, што ми оставаше впечаток. Како може толку мало дете да има такви недоумици? Кога имаше десет години сакаше да му се разјасни зошто Бога Го нарекуваме Троица, како е можно Три да бидат Едно.

Во послушанието Кипријан беше прв во домот. Уште пред да доречам нешто, трчаше да го направи со многу ревност, што многупати се запрашував: зошто трча, зошто има толку многу добра расположба? Можеби се плаши од мене, па од страв? Но, проучувајќи му го карактерот, сфатив дека има желба да им служи на другите. Слава Ти, Боже! Ти благодарам за дарот што ми го даде – во оваа епоха, кога младите имаат толку многу зависности, Кипријан да има душа слободна од страсти!

Секогаш беше еклектичен, внимателно одбираше што сака да земе. Се шегував со него, му велев: „Прилегаш на дедо ти, кој сака сè да биде совршено. Ајде, да му прилегаш и во останатото“. Ги одбираше своите пријатели, но без да отфрли никого. Ретко инсистираше или нажалуваше некого.

Кипријан трепереше да не ја нажали некако мајка си. Беше многу внимателен и помагаше и без некој да му рече, дури и да беше уморен, секогаш беше тука. Тој беше шегобиецот на семејството, секогаш се шегуваше со незлобивост и добар осет, а не неморално. Неговите шеги му недостигаа на човек – кога не беше тука, го посакувавме неговото присуство, зашто додаваше сол на атмосферата.

Постеше од шест годишна возраст, без роптање и никогаш не го доведуваше тоа во прашање – постот како да беше играчка за него. Имаше толку големо воздржание, што и јас, како што ви кажав, земав пример од него. Штом Кипро мој може да пости толку и да јаде многу малку, и јас одлучував да јадам многу малку, но не успевав. Слава на Бога! – велев – Бог го просветува.

Освен класичното образование што го заврши, ми бараше книги историски, верски, за да си го надополни знаењето. Стекна една ромејска свест, стана едно православно дете, за кое татковината и Бог му беа во срцето. Ми велеше: „Сакам да ставам едно големо грчко знаме на покривот од нашата куќа“. И стави, навистина, но не помина долго време, така што се скина од што беше толку големо.

Еден ден ми вели: „Како дозволи Бог да изгори Григориј Авксентиу?“ Го имаше видено неговото изгорено тело и се ужаснал. Зборувавме за тоа, филозофиравме за љубовта кон татковината и кон Бога и заклучивме дека љубовта без жртва не може да се замисли. Секогаш овој период, почетокот на март, се сеќаваше на жртвата сепаленица на Григориј Авксентиу и се трогнуваше и постојано зборуваше за тоа.

Одеше и во музичко училиште, каде што оствари пријателства и врски со тамошните деца, како и со директорот Спиро, кои ги сметаше за свои браќа. Таму научи многу. Им благодарам на сите што му ги дадоа сите тие добри чувства. Со возбуда говореше за својот учител по византиска црковна музика, Евангел, како и подоцна за Манусис, во Солун.

Бидејќи беше еклектичен, ја одбра најпосебната, со цел да ја запознае и да го изгради со неа својот земен живот. И тука се покажа како повозвишен од човечките страсти. „Не сакам да ја повредам мојата љубена, но сакам да ја познаам онака како што Бог сака. Ми се допаѓа византиската венчавка и сакам и за себе таква. Многу голем благослов“.

Така, закажавме венчавка за 27 август 2023. За венци при византиската венчавка можеме да употребиме круни. Старец Херувим има круни во својот манастир, па му реков – одете таму да ги земете венците. Отидоа, се причестија со Телото и Крвта Христови, за последен пат, во „Света Марина“. Божествената Причест беше попатнината што го придружуваше во овој суетен живот и сега веќе, со Христа Кого Го возљуби, со Приснодева и Царицата небесна, со девицата великомаченица Марина, влегува и Кипријан, како девственик, зашто не стаса да се венча. И маченички – оти ако го видите неговото тело…

Неговото тело јас самиот го измив. Неговото лице можете да го видите дека има многу рани, но телото му е цело. Таму нè пукнаа дека ќе го најдеме во парчиња. Телото не ни го покажаа во Грција, не ни дозволија да го видиме. Го видовме подоцна, дури вчера. Тоа е потполно, но е маченичко, има многу повреди. Затоа, значи, маченички влезе во просторот на Божјата светлина.

Сине мој, по човечки се распарчивме и јас и мајка ти, и браќата и сестрите ти: Ева, Јоан, Андреј, Нектариј и малата Марина – која има само шест години и имаше роденден вчера – а и сите што те знаат и што те сакаат. Но, човечкото изминува. Ти влезе во светлината и како таков треба да те гледаме. Во бело облечени те жалиме денес и со молитвата празнуваме.

Од осум часот вчера, сине, пееме за тебе, тука е и твојата сакана, пееме и не се наситуваме од слухот. Од манастирот на света Марина го доби потстригот во читач. Завчера го видов повторно видеото и се наежив, си реков: од света Марина, девствената великомаченица, доби да бидеш читач и да ги читаш свештените книги, но од света Марина го доби – одејќи си оттаму – отпустот за Небото. И ти како девственик и читач во хорот ангелски. Бог да ти ја упокои душата, сине мој, во Земјата на живите. Вечен ти спомен! Спомнувај нè и ти, таму каде што си! Амин“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бензинот „Еуросупер БС-98“ поскапува за два денари

Редакција

Утврдена листата на кандидати за членови на ДИК, Насер Зибери предложен за народен правобранител

Редакција

Осудени фирмата и сопственикот, што го злоупотребија доктор Пановски за реклама на чаеви

Редакција