„Еуромакс“ (Euromax Resources Ltd, Ванкувер) објави дека Владата на Македонија донесе одлука со која го повлече претходно одобреното спојување на концесиите доделени на компанијата, Иловица 6 и Иловица 11 („спојувањето на концесиите“). Ваквата нова одлука не содржи и не е базирана врз правни аргументи за спротивно одлучување од одлуката со која беше потврдено спојувањето, велат од компанијата.
-Компанијата ќе побара од Владата повторно да ја разгледа одлуката за спојување на концесиите (во соодветно време) со оглед на големата важност за развој на регионот и државата во целина.
Земајќи ги во предвид актуелните политички околности со кои е прекриена изненадувачката спротивна одлука на првично донесената од Владата, компанијата со посебно внимание ги проценува следните чекори и ќе ги превземе сите неопходни активности со цел заштита и обезбедување на правата за сите акционери, што покрај другите ги вклучува и Европската банка за обнова и развој (еден од водечките институционални инвеститори во Република Северна Македонија), Galena Resource Equities Ltd (компанија контролирана од Trafigura Групацијата, која е една од водечките компании за тргување и логистика на метали и други стоки), ND Group (приватна финансиска и инвестициска групација од Холандија), Equinox Partners (хеџ фонд лоциран во Њу Јорк), како и Royal Gold (компанија од САД која инвестира во права и инструменти за инвестициско злато).
Иако непоколеблив приоритет за компанијата останува развој и изградба на рударскиот комплекс во целосна согласност со современите домашни и меѓународни еколошки стандарди, согласно правилата на Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови, компанијата веќе има дадено формално известување за спор до Владата и сега може да покрене меѓународна арбитража во секое време.
Сите инволвирани страни може да бидат предмет на директни правни дејствија доколку во легална процедура се покаже дека новата одлука е во спротивност со позитивните законски прописи на Република Северна Македонија, или е политички мотивиранa, велат од таму.
-Компанијата разбира дека оваа одлука е чуствителна за сите засегнати страни, меѓутоа компанијата ќе мора да ги превземе сите неопходни правни мерки и сите други неопходни чекори се со цел да ја заштити својата инвестиција и да ја заштити вредноста и интересот на секој акционер.
И покрај тоа што со оваа одлука Владата си додели дополнително време да ги разгледа пошироките импликации, таквата арбитрарна политичка одлука која е надвор од позитивната правна рамка, ќе го активира алармот до меѓународни институции и инвеститори, што ќе резултира со сериозни сомнежи во врска со транспарентноста и правната сигурност во Република Северна Македонија, изјави Tim Morgan-Wynne, извршен претседавач на Бордот на директори.