еМагазин
Image default
Македонија

Еврокомесарот за проширување Вархеји денеска во Скопје ги носи првите вакцини од ЕУ

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска во рамки на неговата балканска турнеја ќе ја посети Северна Македонија, по повод пристигнувањето на првите вакцини против Ковид-19, споделени и финансирани од ЕУ.

Заедно со Вархеји, во Скопје ќе допатува и австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер.

Според најавата, еврокомесарот за проширување ќе оствари средба со премиерот Зоран Заев во Владата, по што заедно со Едштадлер и министерот за здравство Венко Филипче, ќе го посетат вакциналниот пункт во А1 СЦ Борис Трајковски.

По посетата на пунктот, како што соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје, ќе следуваат изјави за медиуми од страна на премиерот Заев, министерката Едштадлер и еврокомесарот Вархеји.

Австриската министерка Едштадлер, пак, ќе има средба и со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во рамките на возвратната посета на Скопје, по што ќе одржат прес-конференција.

Европската комисија и Австрија на 20-ти минатиот месец објавија дека вкупно 651.000 дози на вакцините „Фајзер“ ќе бидат доставени на регионот, на неделна основа, од почетокот на мај до август. Од нив, 119.123 вакцини ќе бидат за Северна Македонија.

Вакцините се финансирани од пакетот вреден 70 милиони евра, кој Европската комисија го одобри во декември минатата година за да помогне во покривањето на трошоците за вакцини обезбедени преку договорите на ЕУ за авансна набавка за партнерите од Западен Балкан.

Австрија го олесни споделувањето на овие вакцини финансирани од ЕУ преку правни договори со производителот и со секој партнер од Западен Балкан.

– ЕУ покажува солидарност и грижа во однос на земјите од Западен Балкан од самиот почеток на пандемијата. За Северна Македонија, ЕУ обезбеди околу 230 милиони евра за итни медицински набавки и како поддршка во ублажувањето на социо-економските последици од пандемијата, стои во соопштението на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

МИА/Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поранешниот градоначалник на Битола, Талески, почна со издржување на казната за „Транспортер“

Редакција

Кичеец бил вработен кај Камчев: За него пресуда утре, бидејќи призна вина за „Рекет“

Редакција

Во болниците низ Македонија се лекуваат 109 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19

Редакција