еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите во фокус на процесот Брдо-Бриони во Скопје

Европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите се во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони што почна претпладнево во Скопје.

На состанокот, покрај домаќинот Стево Пендаровски, учествуваат и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар во улога на ко-домаќини, како и српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи, албанскиот претседател Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

Пред официјалниот почеток на состанокот, Пендаровски оствари билатерални средби со косовската претседателка Османи и со претседателот на Албанија, Бегај.

Во тек е пленарен состанок на лидерите учеснички на процесот брдо Бриони, по што ќе следи заедничка прес-конференција на Пендаровски, Пирц Мусар и Милановиќ.

Пред одржувањето на состанокот, Милановиќ, како што пренесуваат дел од медиумите, изјавил дека се надева оти средбата во Скопје нема да заврши како претходните две во „кавга меѓу раштимани инструменти“ и кршење копја при усвојувањето завршна декларација.

На минатогодишниот самит конечната декларација не беше усвоена, бидејќи хрватскиот претседател побара во документот да се спомене уставот на трите народи во Босна и Херцеговина, што не беше договорено од двајца членови на нејзиното Претседателство.

Една година пред тоа учесниците прифатија само компромисен текст на завршната изјава поради расправиите меѓу косовската претседателка, Вјоса Османи, и српскиот лидер, Александар Вучиќ.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.

Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно. На состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, што се одржува во хотелот „Хилтон“ во Скопје, се присутни околу стотина претставници на медиумите, од нашата држава и од странство.

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Изгласани законските измени за побрз пристап до лекови, главно за ретки болести

Редакција

(ВИДЕО) Во Лондон уапсен основачот на Викиликс, Џулијан Асанж

Редакција

Скандалозен крај на преговорите: СПЦ ја врати МПЦ-ОА во 1959 година, објави религија.мк

Редакција