еМагазин
Image default
Македонија

Фокус: „Несудената конзулка“ наплатила скоро 12 илјади евра од 5 институции

Бесмира Ејупи, поранешната ТВ-презентерка која Владата сакаше да ја испрати за генерален конзул во Њујорк, за нецела година инкасирала буџетски средства од скоро 12 илјади евра преку 39 трансакции реализирани во текот на ланската и тековната година, објави неделникот Фокус.

Според податоците од базата „Отворени финансии“, Ејупи во периодот 2021-2022 година фигурира како примател на средства од 5 буџетски органи под ставката 425990, со која, според Правилникот за класификација на расходите, се означуваат „други договорни услуги“.

Најмногу трансакции и најголема исплата кон Ејупи, според Фокус е регистрирана од Државното правобранителство на чело со Фехми Стафа, од каде преку 11 трансакции, главно од износ од по 24.900 денари, и се исплатени вкупно 247.658 денари или околу 4.000 евра, почнувајќи од април лани па се до февруар годинава.

Ист број на трансакции кон Ејупи се регистрирани и од Општина Чаир, кои, со исклучок на една, изнесуваат по 9.000 денари, така што нивната вкупна вредност достигнува 94.935 денари или околу 1.500 евра, пишува Фокус

Од Општина Сарај била извршена една трансакција помалку, но вкупната исплатена сума кон Ејупи е поголема и изнесува 210.000 денари или околу 3.400 евра, имајќи во предвид дека сите 10 трансакции се во износ од по 21.000 денари, пишува Фокус.

Она што е заедничко за овие две скопски општини е тоа што тие се предводени од градоначалници од редовите на владејачката ДУИ – Висар Ганиу и Блерим Беџети.

Ејупи фигурира и на платниот список и на Општина Петровец, која е предводена од долгогодишниот градоначалник од моментално опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Борче Митевски.

Од буџетот на оваа Општина на личната сметка на Ејупи легнале вкупно 160.000 денари или околу 2.600 евра преку 6 трансакции, така што 5 од нив се во износ од по 20.000 денари, а една изнесува 60.000 денари, што всушност претставува најголема поединечна трансакција, пишува Фокус.

Една исплата кон Ејупи во износ од 20.000 денари е регистрирана и од руралната тетовска општина Брвеница, а исплатата датира од април лани, кога градоначалник беше Енвер Пајазити од ДУИ, пишува Фокус.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

28 годишна телевизиска презентерка предлог на Владата за генерален конзул во Њујорк

Фото: Алсат М

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ДИК: Два услова за успешен референдум

Редакција

Ќе се појави ли Заев на инаугурацијата на Пендаровски?

Редакција

Градоначалникот Георгиевски се јави од Инфективна клиника: Да останеме сплотени, само така ќе ја добиеме битката со корона вирусот

Редакција