еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“ подари книги на основните училишта со име „Блаже Конески“, како аманет од Левенски

Во чест на 100-годишнината од раѓањето на втемелувачот на македонскиот литературен јазик, Фондација „Д-р Михаил Левенски“, заклучно со вчера, 14 јуни, реализираше неколкудневен проект во кој беа опфатени основните училиштата со име „Блаже Конески“, ширум нашата татковина, информираат од таму.

„Д-р Левенски, низ збор и дела настојуваше да се поддржат и поттикнат младите, со цел да се придонесе да го бараат и најдат своето место и да го препознаат, вреднуваат и надградуваат своето „сè“.

Овие книги се негов аманет и со голема радост и гордост ги даруваме. Со овој дар изразуваме почит и кон наставниот кадар и вработените во училиштата, за нивните заложби за едукација и градење здрава младина којашто понатаму ќе инспирира, мотивира и создава, негувајќи го литературниот македонски јазик и продолжувајќи го името и делото на својот патрон, Блаже Конески“, изјави претседателот на Фондацијата, Никола Левенски Миљаниќ, којшто заедно со актерката Драгана Левенска и други членови на семејната Фондација, го осмисли и реализираше проектот.

Фондацијата изразува благодарност, за препознавање на вредноста на проектот и сесердната поддршка, до директорите на основните училишта: Ангелка Баракоска – О.У. „Блаже Конески“ во Прилеп, Сузана Настовска – О.У. „Блаже Конески“ во Скопје, Јованче Манасков – О.У. „Блаже Конески“ во Велес и Зурат Куртовски – О.У. „Блаже Конески“ во с.Скудриње, Општина Маврово-Ростуше.

Посебна благодарност упатува до психолозите, педагозите, македонистите и библиотекарите, со чијашто помош беше реализиран овој проект со којшто одбележуваме ново пријателство меѓу Фондацијата и училиштата.

Училишните библиотеки и сите полуматурантите од основните училишта „Блаже Конески“ во Велес, Скудриње, Прилеп и Скопје, добија на дар, вкупно 500 примероци од книгата „Како да станам свој“ од областа на психопедагогија, којашто д-р Михаил Левенски ја посвети токму на младите.

Проектот се одвиваше со директна посета на училиштата од страна на тимот на Фондацијата, низ срдечни средби и разговори со раководниот и наставниот кадар, како и со учениците, секаде согласно протоколите, концептот и можностите: во училишни дворови, на игралишта или во големи училници, сали и поливалентни простори.

Со оваа донациија, сите полуматуранти заедно со сведителството добија по една книга, со надеж дека таа ќе стане еден од нивните најдобри пријатели со којшто полесно, посигурно и погордо ќе се пробиваат по патот на себеосознавањето и себеизградувањето.

Д-р Михаил Левенски (1942-2010) е психијатар и писател, поет, раскажувач и драматург. Автор е на голем број литературни дела, радио и ТВ драми и сценарија за филмови, како и на книгата „Како да станам свој“ – посветена на младите за себеизградување, мотивација и себереализација.

Д-р Михаил Левенски е докажан хуманист, поборник за вистина, правда и човеково достоинство.

Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, основана во 2012 година од неговото семејство,  продолжува да делува на полето на „човекољубие и природољубие“, под слоганот „Инспирирај, мотивирај, создавај!“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Карантински приказни за поддршка на македонското здравство

Редакција

(Галерија) Како изгледаат дизајнираните дела од оризов отпад: Чекор понапред кон циркуларната економија

Редакција

Dezintal 0,2% во ново пакување

Редакција