еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

(Фото) Активниот туризам во Крушево добива нова слика: Отворени новите велосипедски патеки изградени по меѓународни стандарди

Почнувајќи од ски терените, па низ местото викано Бегова корија, од денеска, сите вљубеници во планинскиот велосипедизам и природата ќе имаат нова содржина за рекреација и уживање во Крушево.

Свечено се отворија шест од вкупно седум велосипедски патеки по меѓународни стандарди за планински велосипедизам, со цел дополнување на постоечката туристичка понуда и промоција на активниот туризам во Крушево.

Изградбата започна во мај годинава, а беше реализирана од стручен тим на швајцарски експерти од компанијата GFC Sports Management AG/ Allegra Tourismus и Ски-центар Панорама, а со поддршка на Општина Крушево и Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

„Имавме одлична соработка со швајцарските експерти низ целиот процес. Горди сме што покрај сите предизвици со Ковид пандемијата успеавме да го реализираме овој проект и да ја збогатиме туристичката понуда во Крушево. Со седумте планински велосипедски патеки што ги изградивме околу ски терените, се надеваме дека оваа дестинација освен по параглајдингот, ќе прерасне и во препрознатлив центар за планински велосипедизам,“ изјави Кочо Стојчески, сопственик на Ски Центар Панорама и Панорама Хотел и Спа, Крушево.

Минатата година Ралф Неф – светски шампион во планински велосипедизам и неговиот тим беа во Крушево и изготвија анализи, по што направија мастер план во Швајцарија, а потоа исто така врвни светски консултанти обезбедија и надзор на изградбата швајцарскиот експерт за изградба на вело патеки, Адриан Раз – претставник на Allegra Tourismous неколку пати беше во посета на Крушево.

Заедно со другите чинители, Општина Крушево учествуваше во севкупниот процес на изградба и промоција на најсовремените велосипедски патеки долги 4.5 километри кои ќе ја издигнат општината на врвот на вело-спортот.

„Денеска означуваме еден нов почеток и дополнителен потенцијал за развој на спортот, рекреацијата и туризмот во општина Крушево. Крушево како дестинација за четири сезони, покрај параглајдерството кој е атрактивен, натпреварувачки и рекреативен спорт, кој придонесе да се одржуваат многу национални, меѓународни, европски и светски првенства во параглајдинг и змејарство, го поддржува и велосипедизмот.

Со активно вклучување на овој вид на спорт, Крушево останува посветено на создавање подобри услови за здрав и исполнет живот. Крушево станува омилена туристичка дестинација за сите љубители на велосипедизмот, сите рекреативци и професионалци на овој спорт,“ истакна Томе Христоски, градоначалник на општина Крушево.

Основнa цел е и останатите хотели, приватни сметсувачи и тур-оператори, да го нудат сето ова како понуда и да може да се формираат повеќедневни ангажмани за да се привлечат повеќе туристи.

„Потребата од создавање на нови атракции во секоја туристичка дестинација е круцијално за создавање на нови понуди кои ќе привлекуваат нови целни групи на туристи.

Крушево низ последните неколку години се профилира како дестинација каде параглајдерството е во фокус на голем број спортисти во екстремни спортови а со новите планински велосипетски патеки станува адреналинска дестинација.

Ваквиот тип на нови содржини ќе овозможи заокружување на можноста Крушево сѐ повеќе да се промовира како дестинација за четири сезони,“ изјави Љупчо Јаневски, директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот.

Швајцарската агенција за развој и соработка, преку ИМЕ програмата интензивно дава поддршка на развој на туризмот во државата, со посебен акцент на активниот туризам.

„Преку развој на нови атрактивни производи и услуги, промоција, градење на капацитетот и подобрена соработка и координација меѓу сите локални чинители во туризмот се проширува постоечката туристичка понуда и се овозможува унапредување на дестинациите.

Отворање на патеките за планински велосипедизам ќе придонесе за развој на туристичкиот потенцијал на Крушево и ќе води кон зголемена економска активност и креирање нови работни места во секторот.

Очекувам дека Крушево ќе биде место каде во иднина ќе се случуваат многу велосипедски трки и настани кои ќе го поврзат со регионалните и светските случувања во планински велосипедизам,“ – посочи Горан Дамовски, директор на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

Денеска велосипедските патеки се отворија со првата крос-кантри велосипедска трка (XCO Krusevo), организирана од велосипедскиот клуб Оксижен и Велосипедската федерација на Македонија, на која учествуваа лиценцирани, хоби возачи, рекреативци и љубители на природата.

„Евидентен е ентуизијазмот кај вело заедницата присутна денеска овде со нас, која има уникатна можност да ги испроба вело патеките за првпат. Денешната трка е организирана во неколку категории Елите мажи и жени, Јуниори, Кадети, Мастерс, У13, Хоби мажи, жени, деца, со должина на кругот од 3.7 км, а се бодува според ранг-листа на ВФМ,“ изјави Сашо Ванчевски, секретар на Велосипедска федерација на Македонија.

За победниците од Елите мажи и жени категоријата, следуваат дополнителни награди од локалните партнери – викенд во Панорама Хотел и Спа (прва награда), ноќевање во Бутик хотел Свети Никола (втора награда) и јавање на коњи од коњичкиот клуб Мусица – Крушево (трета награда).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ќе се ограничува каматата на долговите

Редакција

Политичките партии во иднина да се воздржат од користењето на „бугарска карта“ при избори, реагираат од бугарското МНР

Редакција

Пожарот кај Стара рампа локализиран, нема повредени

Редакција