Центарот за управување со кризи (ЦУК) испрати известување до Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и до Јавното претпријатие за државни патишта, за опасност по учесници на сообраќај, од карпа што виси над автопатот Скопје-Велес, на делот после патарината пред Велес, а после првиот тунел, информираат од таму.
За истата опасна карпа, на бројот за итни случаи 112 во ЦУК, има повеќе јавувања – пријави од граѓани.
„Ситуацијата со опасната карпа и можен одрон на дополнителен материјал од високиот масив покрај автопатот, при нејзино паѓање, налага корисно во најбрз можен рок да биде извршена санација и отстранување на наведената карпа, како превенција да не дојди до загрозување на човечки живот и на уништување на материјални добра.
Конкретно, известувањето од ЦУК до јавните претпријатија, е ургенција за преземање на мерки и активности во надлежност на јавните претпријатија за санација – отстранување на карпа што виси над автопатот Скопје-Велес, на делот после патарината пред Велес, а после првиот тунел.
Имено, повеќе од 18 денови карпата е одвоена од основниот масив високо над патот и паѓаат парчиња од карпа и камења на автопатот со што директно се загрозени учесниците во сообраќајот, односно постои директна опасност по животот на луѓето и материјални добра на учесниците на сообраќајот.
Утрово од тим на ЦУК беа поминати и разгледани повеќе критични точки за можни одрони и нестабилни карпи на автопатот Скопје – Велес, при што беа забележани на повеќе локации мали карпи и камења коишто, иако се заштитени со мрежи, е можно истите да се стркалаат на брзата сообраќајна лента.
По нашето неодамнешно укажување за опасност, јавните претпријатија за државни патишта и за одржување и заштита и магистрални патишта препорачливо е да направат стручен надзор и да ја санираат и обезбедат состојбатата на критичните места за одрони,“ се вели во соопштението.
Фото: ЦУК