Со проекцијата на документарните филмови „Вај Фај плаза Куба“ (Швајцарија, Куба, Шпанија, 2017, 3 мин.) на Андријан Келтерборн, „Кеди“ (САД, 2016, 79 мин.) на Сејда Торун, со изложбата на фотографии на стаклена плоча „Лицата на МакеДокс“, кои со „мокар колодиумски процес“ ги направи Сашо Н. Алушевски, и со концертот на „Џими Барка Експириенс“, синоќа почна деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој ќе трае до 23 август во Куршумли ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност во Скопје.
Невремето што се случуваше во Скопје еден час пред отворањето на фестивалот не успеа да спречи публиката да го исполни Куршумли-ан до последното место.
„Многу ми е драго што ве гледам во толку голем број дури и на толку неповолни временски услови. Тоа многу кажува за вас, како публика, но и за нас, како фестивал“, рече Павле Игновски, директор на „МакеДокс“ на отворањето на новото издание на фестивалот.
Игновски изрази особена благодарност кон Културниот центар „Јунус Емре“ и Република Турција што и оваа година одобрија „МакеДокс“ да биде во своето гнездо – Куршумли ан.
„Фестивалот, но и Патувачкото кино на ’МакеДокс‘ годинава се фокусираат на екологијата, но не само во однос на чистењето на светот околу нас, туку и на светот во нас.
Овие идеи беа пресликани во фестивалскиот каталог, кој е направен од рециклирана хартија што тимот на ’МакеДокс‘ и подмладокот ’Докуникулци‘ ја собраа заедно со остатокот ѓубре за време на еко-акциите на Патувачкото кино на Струшкото крајбрежје. Се надеваме дека овие 8 дена ’Македокс‘ ќе го обои вашето лето во нова боја“, рече Петра Селишкар, селекторка на Главната програма на „МакеДокс“.
Отворањето на деветтиот „МакеДокс“ траеше до доцна во ноќта со концертот на „Џими Барка Експириенс“. Бендот е составен од двајца диџеи – Бакто и Борка и еден тапанар – Марјан Станиќ, кој е пријател на „МакеДокс“ години наназад. Со нивниот спој на електронски семплови и тапани во живо „Џими Барка Експириенс“ создадоа амбиент за „диво играње“ со нивните бројни етно-џез изненадувања.
Мото на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е „Реалноста режира, ние правиме филмови“ со што тематскиот фокус на фестивалот е ставен на режијата во документарниот филм. Прва активност на вториот фестивалски ден беше почетокот на работилницата на Пирјо Хонкасало, која до 19 август ќе се одржува во Музејот на современата уметност. Работилницата се одржува со поддршка на македонскиот деск на МЕДИА на програмата „Креативна Европа“.
Работилницата почна со проекцијата на документарниот филм „Три соби на меланхолија“ и со првото запознавање на учесниците на работилницата со познатата финска режисерка Пирјо Хонкасало. Покрај дискусиите за филмот, Хонкасало почна да открива финеси од нејзината ризница на знаење и искуство собирано од почетоците на работата со фотографијата до режирањето на документарни филмови.
Меѓу другото, таа нагласи дека „авторите на документарни филмови се набљудувачи, а не изведувачи“ откривајќи го својот принцип на работа, но и дека документаристите секогаш треба да бидат спремни да се соочат со неуспех при снимањето на одреден документарен филм, односно да стекнат имунитет за разочарувања, бидејќи при снимањето на документарците секоја ситница во реалните ситуации може да доведе до прекин на снимањето.
На 17 август во Куршумли-ан, со филмот „Над возможното“ (Полска, Германија, Финска) на Марта Прус ќе биде отворена и програмата на земјата во фокус – Полска. Пред почетокот на филмската програма ќе биде изведен перформансот „Скопје-Варшава… со љубов виа Малух“ според концептот на Владан Царичиќ – Цар.
„Пегличката“ (Фиат 126, или Малух) годинава е еден од заштитните знаци на „МакеДокс“. Сместена е на почесно место во Куршумли-ан и спремна да ги пренесе пиктограмите – пријателските пораки од Скопје за Варшава. Цар и докуникулците на „МакеДокс“ креираа пиктограми на самолеплива фолија во црвена и бела боја и на перформансот ќе ги залепат на каросеријата од „Пегличката“.
Автомобилот е натоварен со кромид, симболот на „МакеДокс“, и така е спремен да ги понесе визуелните и мирисливи пораки на Патувачкото кино за Варшава. По завршената мисија, „Пегличката“ ќе му биде подарена на Музејот на современата уметност во Скопје, кој е изграден по проект на полски архитекти и претставува најмаркантен знак на полско-македонското пријателство.