Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска ја отвори ретроспективната изложба на илустрации за деца од Димитар Кондовски, што воедно значеше и отворање на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, кој почна на 14 и ќе трае до 19 октомври.
„Секој од нас длабоко во својата душа има простор посебно одвоен за светот на приказните. Секоја приказна има своја посебна боја, свое волшепство и свои емоции кои се толку моќни што умеат за кратко да нè втурнат во едно патешествие низ времето, низ пространствата на океаните, по патеките на јунаците, над ѕвездите…
Голем дел од нас пораснаа со „Алиса во земјата на чудата“, со „Колибата на чичко Том“, со „Зоки Поки“, а илустрациите на овие книги излезени од имагинариумот на великанот на македонската илустрација, Димитар Кондовски, засекогаш остануваат врежaни во нашите сеќавања.
Фестивалот на детска литература и илустрации „Литера“ кој е во тек, овозможува секој посетител да нурне во свет во кој секогаш со драга волја би сакал да отпатува, а на најмладите им пружа страници полни со нови инспирации за да креираат свои приказни кои ќе ги водат низ животот,“ пишува на фејсбук-профилот на Ѓоргиевска.
Во рамките на фестивалот „Литера“ се организираат ликовни, креативни и работилници за пишување за деца, но и дебата како децата се запознаваат со предизвиците во животот преку литературата.
фото: Фејсбук/Ѓоргиевска