еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

(Фото) Изложба „Истребување на Македонците“ отворена во замокот Линхартови на чешко-полската граница

По повод Светскиот ден на бегалците и 75 години од егзодусот на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија, во замок Линхартови на границата меѓу Чешка и Полска, отворена е изложбата „Interitus Macedonum“ (Истребување на Македонците) од авторот Георги Дуртаноски.

Во рамки на изложбата, Дуртаноски околу замокот Линхартови и во градот Крнов постави уметничка инсталација на отворено со 20.000 црвени стапалки, кои ги симболизираат крвавите стапалки на децата прогонети од своите домови во Егејска Македонија со испишано име и презиме на секое протерано дете, заедно со името на неговото родно место со македонски топоними.

Уметничкиот перформанс покрај инсталацијата вклучува и изложба на фотографии и предмети кои го опишуваат тешкиот пат на децата бегалци во непознат и неизвесен правец, некои од нив згрижени и преместувани дури во детски домови во три или четири држави.

Во изложбените витрини се сместени лични предмети на македонските бегалци, како клучеви од нивните домови, торби за леб, ѓумчиња за вода, камчиња од нивните куќи/цркви во кои биле родени или биле крстени, капсули со вода од реките и многу други предмети кои автентично го отсликуваат нивниот живот од тој период.

Изложбата ја отворија градоначалничката на градот Албрехтице, Јана Мурова и истакнат македонски деец од Костур, Димитри Кирјаковски, кој во 1948 година на петгодишна возраст прво бил згрижен во детските домови во Полска и подоцна во Чешка, кој е куратор на изложбата и беше ментор на Дуртаноски во подготовката и селекцијата на експонатите.

Беше прикажан и филмот „Македонец“ од полско-македонскиот режисер и продуцент Петро Алексовски, кој со свое лично присуство и проекција на филмот даде силна поддршка на овој проект.

Петро е син на Мито Алексовски, кому му е посветен овој документарен филм, а прикажани беа и други документарни филмови од архивите на националните телевизии на Чешка, Унгарија, Романија, Франција…

На отворањето беа прочитани писмата од претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Љупчо Коцарев, Ким Пук од истоимената меѓународна фондација од Канада, на претседателката на здружението „Заборавени Македонци“ од Париз, Соња Кировска и голем број на македонски асоцијации, историски друштва и поединци од дијаспората.

Изложбата, која е во организација на македонските заедници во Чешка и Полска, ќе биде отворена до 2 август 2023 година.

– Замокот Линхартови е избран да биде домаќин на овој настан бидејќи неговата судбина е како нашата поделена Македонија: објектот (замокот) се наоѓа на чешка територија, а имотот/дворот се наоѓа на полска територија. Тој е неколку пати разурнуван и опожаруван и секогаш повторно блеснува со својата убавина, наведуваат организаторите.

МИА/Фото: Фејсбук/mesto.mesto.albrechtice

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Пуцко петрол“ го доби тендерот на Здравствен дом на Скопје за набавка на масло за горење вреден 9,2 милиони денари

Редакција

Каков имот пријавил Трајче Пеливанов, новиот обвинител во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција

Редакција

„Падна“ иницијатива за понеделнички доброволен нарко-тест за сите пратеници

Редакција